Breaking News

Ангеловска-Бежоска: Геополитички тензии и долгорочни макроекономски предизвици


Тековните геополитички случувања може да имаат долгорочни последици врз глобализацијата, а тоа неповолно да се одрази особено на помалку развиените економии, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска која ги водеше дискусиите на панелот „Геополитички тензии и долгорочни макроекономски предизвици“ на конференцијата на високо ниво „Макроекономски предизвици во свет со геополитички тензии, висока инфлација и нееднаквост“, во организација на централната банка на Холандија.


Како што соопшти Народната банка, на панелот, на кој гувернерката беше модератор, учествуваа поранешниот генерален секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер, и членот на Советот на Холандската централна банка, Фике Сиџбесма. На конференцијата со два панела учествуваа и Кристална Георгиева, директорка на ММФ, гувернери и други високи претставници од централните банки на земјите членки на холандско-белгиската конституенца во рамки на ММФ, како и вицегувернерката Емилија Нацевска.


Во својот вовед, информира НБРСМ, гувернерката истакна дека во последниот Извештај за глобалните ризици на Светскиот економски форум, геоекономските судири се вброени во трите најзначајни глобални ризици, заедно со кризата поврзана со трошоците за живеење, како и климатските промени. Една од главните закани која доаѓа од геополитичките тензии, посочи таа, е глобалната фрагментација со што би се изгубиле придобивките од долгорочниот процес на глобална економска интеграција.

-Глобализацијата донесе многу придобивки. Преку растечката трговска, финансиска и технолошка интеграција, во последните четири децении зголемен e глобалниот доход, според некои проценки дури за дополнителни 10 отсто од БДП во период од една деценија. Тоа особено се забележува кај помалку развиените економии, каде глобализацијата е движечка сила за доходовната конвергенција и извлекување од сиромаштијa на повеќе од милијарда луѓе, што се согледува од податокот за намалените нивоа на сиромаштија од 43,6 отсто во 1981 година на помалку од 10 отсто во 2019 година. Исто така, глобализацијата е еден од значајните фактори за постигнување забележителен пад на глобалната инфлација во периодот пред пандемијата, рече Ангеловска-Бежоска.


Пандемијата, а оваа година и војната во Украина, претставуваат значаен тест на глобализацијата. Трошоците од трговската фрагментација, спротивниот процес од глобализацијата, додаде гувернерката, се проценуваат на 0,2 отсто до 7 отсто од глобалниот БДП, а доколку трговската фрагментација е проследена и со фрагментација на технологиите дури и до 12 проценти од БДП. Ефектите од ова се поизразени кај економиите во развој, особено малите економии, кои се зависни од поголемите во поглед на трговија и технологија.

-Овие движења на глобално ниво се релевантни за економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа каде слободното движење на стоки, финансии, технологии и знаење се движечката сила на економскиот раст и на конвергенцијата, истакна гувернерката и посочи дека трговската интеграција на оваа група земји во последните две декади влијаела на раст на БДП за дополнителни 40 процентни поени (п.п.), додека финансиската интеграција придонесла за дополнителни 30 п.п. во последната деценија.


Ангеловска-Бежоска во излагањето заклучи дека на регионот му е потребна силна интеракција и интеграција со развиените европските економии, имајќи ја предвид моменталната состојба со веќе забавената конвергенција и потребата да се одговори на најновите предизвици, како што се дигиталната и енергетска трансформација на економиите. хс/лв/