Breaking News

Андрес: Израелската влада веднаш да прекине со убивање цивили и хуманитарни работници во Газа


Основачот на хуманитарната организација World Central Kitchen (WCK) Хозе Андрес изјави дека израелската Влада треба веднаш да престане со убиствата на цивили и хуманитарни работници, да отвори повеќе копнени патишта за испорака на храна и лекови до Појасот Газа и да почне мировни преговори.


 Во авторски текст за весникот „Њујорк Тајмс“ Андрес на Израел му порача дека не може да ја добие војната со изгладнување на целиот палестински народ.


 Андрес кажа дека седумте хуманитарни работници на WCK кои беа убиени во мисија во Појасот Газа во понеделникот ги ризикуваа своите животи за да дистрибуираат храна на оние на кои им е најпотребна и дека WCK служеше повеќе од 43 милиони оброци во палестинската енклава.

 Андрес истакна дека со тие седум работници бил на мисии во Украина, Турција, Мароко, Бахамите, Индонезија, Мексико, Газа и Израел.


 Тој го поздрави ветувањето на израелската Влада дека ќе спроведе темелна истрага за тоа како и зошто биле убиени работниците на WCK.

 Андрес, кој е номиниран за Нобеловата награда за мир за 2019 година, истакна дека WCK им помага и на Палестинците и на Израелците и постојано повикува на ослободување на заложниците кои ги држел Хамас.


WCK вчера објави дека ги прекинува операциите во Газа по нападот во кој загинаа седум нејзини работници.

 WCK соопшти дека нивното возило било нападнато во центарот на Газа доцна во понеделникот, откако работниците на организацијата помогнале во испораката на храна и други залихи во северниот дел на Газа, кои пристигнале неколку часа претходно.


сд/фото:ЕПА .

Извор: МИА