Breaking News

Анализирани нови пристапи во наставата и оценувањето со користење на вештачката интелигенција 


– Што ново може да се понуди во наставата и дали е можно обмислување на нови начини на тестирање и оценување со користење на вештачка интелигенција – ВИ (AI) и на системот ChatGPT, кој е слободен за употреба од ноември минатата година.


Дали може нешто да се адаптира, што да се задржи, а што да се смени – на овие прашања истражувале неколку професорки од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ поттикнати од развојот на ВИ и потенцијалот што таа го има.


 Според професорките Елена Ончевска-Агер, Мира Беќар, Калина Малеска и Маја Јошевска, придобивките од ВИ може да се користат во унапредување на процесот на учење и во тоа се увериле и самите експериментирајќи со ChatGPT, а своите искуства ги презентираа денеска пред студенти и нивни колеги на факултетот.

 Заедно со студентите работеле на конкретни задачи во интеракција со ChatGPT, како на пример пишување резиме на долг текст и споредување како ChatGPT го сумирал.


Работеле на пишување апстракти за конференција, го користеле како алатка за поврзување со одредена литература или како врска т. е.

премостување меѓу теорија и практика, а следен чекор им е да го истражуваат потенцијалот на ChatGPT при преведување книжевни дела.  Проф.


Мира Беќар смета дека ВИ може да помогне со креирање задачи за пишување, планирање лекција и при евиденција – оценки, бодови, напредок, транспарентност.

-Фокусот не ми е толку на проценување на продуктот дали го напишал ChatGPT, нечија мајка, нечиј другар или самиот студент, мене ми е важно како ChatGPT може да ми помогне во цел процес за на крај јас не го оценувам ChatGPT туку, сепак, го оценувам студентот.


Ова појдовна точка е многу важна затоа што гледаме на пишувањето како метод да научиме за некоја тема, гледаме на пишувањето како истражување, рече Беќар.

 Според неа, предностите во оценувањето се во тоа што ВИ има преддефинирани јасни категории, има конзистентност и објективност што го елиминира човечкиот елемент, а исто така заштедува и време.

Но, наспроти ВИ, улогата на луѓето во оценувањето е во тоа што се поприспособливи од „машината“, а важен елемент тука е и етиката.

 -Колку чепкам подлабоко, толку можности се отвораат, рече Елена Ончевска-Агер, според која, сепак, постои ризик ВИ да го банализира креативниот чин при преведување книжевно дело.

 Посочи дека веќе се чувствуваат ефектите од ВИ и дека треба да се размислува како да може да ја користиме.

 -Еден од начините да го избегнеме ризикот од банализирање е да гледаме на ВИ како на помошник или чирак, а не како на создавач.

Да има улога да советува и да помага да се дојде до некое сознание, но не да го заменува професорот. ChatGPT има потенцијал, но  како некој вид модератор, хостеса или асистент, додаде Ончевска-Агер.

хс/ев/Фото: МИА      .

Извор: МИА