Breaking News

Анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ во 2023 година


Во организација на Институтот за демократија и Фондација Конрад Аденауер денеска во Европска куќа – Скопје ќе бидат промовирани два истражувачки труда: „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2023)“ и „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година“.


 Анализите, како што наведуваат од Институтот за демократија, се изработени врз основа на истражувањето на јавното мислење за евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија спроведено во ноември 2023 година.


Настанот ќе биде отворен од Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија и Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденаур во Скопје.

Свое воведно обраќање ќе даде и Ото Граф, заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор на Амбасада на СР Германија во Република Северна Македонија.


Истражувачките трудови ќе бидат презентирани од страна на авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први при УКИМ, Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институт за демократија.

 Осврт на истражувачките трудови како и на резултатите на спроведеното истражување на јавното мислење ќе дадат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Арбер Адеми, претседател на собраниската Комисија за европски прашања и Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.


 Завршно обраќање на настанот ќе има Хозе Луис Лозано Гарсија, амбасадор на Шпанија, земја претседавач на Советот на Европската Унија. вг/са/Фото: МИА Архива/принтскрин  .

Извор: МИА