Breaking News

Анализа на ИКС: Родови стереотипи и дискриминација во медиумското известување за политичарките на изборите


Родовиот наратив е значително малку застапен во новинарските извештаи за претседателските и парламентарните избори поради неговата ниска застапеност и во реториката на говорниците и говорничките во кампањите.


Самите медиуми речиси не анализираа теми за вклученоста на жените на изборите, особено за тие од етничките заедници, што укажува на ниската свест за важноста на прашањата за родова еднаквост.


Ова го покажува анализата на родово-базирани медиумски содржини „Политичарките и медиумската пристрасност“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја изработи за периодот од март до мај 2024 година, односно од официјалниот рок за доставување на претседателските кандидатури до Државната изборна комисија на 19 март, до вториот круг од претседателските избори на 8 мај, што се совпадна со парламентарните избори.

– Истражувањето покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употреба на сензационалистички јазик.


Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера.

Во новинарските наслови и извештаи ретко се користат феминативи, односно не се користат професии и титули во женски род, дури и кога се однесуваат на женски лица.


Во коментарите на новинарските извештаи на социјалните медиуми постои сексизам, ејџизам и омраза кон политичарките, дигитално насилство со злоупотреба на визуелни содржини и поддршка на навредливиот говор од други коментатори и ботови.

Повеќето коментари со говор на омраза и навреди сѐ уште се јавно достапни, соопшти ИКС.


Според ИКС, медиумите треба да креираат и објавуваат новинарски содржини за родовите прашања, особено во периоди кога тие се во сенка на други политички теми.

Од голема важност е, како што наведуваат, новинарите и новинарките да овозможат поголема застапеност на жените во медиумскиот простор, сѐ додека не се нормализира нивната улога во јавната сфера.

– Медиумите треба да бидат критични кон дискриминирачката реторика преиспитувајќи ја веродостојноста на таквите изјави, да избегнуваат родово стереотипизирање на политичарките на високи позиции и да употребуваат родово-сензитивен јазик во новинарските извештаи.

Истовремено, медиумите треба да создаваат содржини со кои ќе се спротивставуваат на родовите стереотипи и говор на омраза и ќе ја зголемуваат медиумската писменост, за јавноста да ги препознава техниките за креирање и ширење на родови дезинформации.

Во оваа насока, треба да воспостават и внатрешни политики и вработени одговорни за регулирање на коментарите со штетни содржини, стои во соопштението.

 Анализата на родово-базирани медиумски содржини „Политичарките и медиумската пристрасност“ вклучува 14.

000 новинарски извештаи објавени на онлајн-медиумите и на интернет-страниците на традиционалните медиуми и 20.

761 коментари на новинарските извештаи на профилите на медиумите на социјалните платформи Фејсбук, Инстаграм, Тикток и Јутјуб.

Таа е изработена во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Публикацијата „Политичарките и медиумската пристрасност“ може да се преземе ТУКА.

мд/ев/Фото: Принтскрин  .

Извор: МИА