Breaking News

Алиу: Со олеснување на вработувањата во институциите ќе се избегнат ситуации да се објавуваат огласи на крајот на годината


Со олеснување на вработувањата во институциите без да се чека одобрение од Министерството за финансии ќе се избегне ситуацијата каде на крајот на годината се отвараат огласи за работни места кои веќе биле предвидени на почетокот од годината, вели министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.


 – Прво, процедурите се многу долги според стариот закон и исто така треба како менаџер на институцијата да добиете согласност за секое вработување.


Со новиот закон интервениравме тие рокови да бидат многу пократки.

Ценам дека ова ќе им олесни на институциите бидејќи досега доаѓаме во ситуација во која на крајот на годината се отвараат огласи, а тие работни места веќе биле предвидени на почетокот од годината.


Според Извештајот што ние го имавме како МИОА, ние сме должни два пати годишно да излеземе со Извештај пред Владата за нови вработувања во согласност со годишните планови и систаматизација и верувајте дека првите шест месеци од оваа година процесот на вработувања во согласност со добиените одобренија од МФ беше многу мал, под 30 проценти.

Причината за тоа како што ми беше одговорено е дека процедурите се долги и не стигнале и не успеале да ги постигнат вработувањата кои веќе биле предвидени, рече Алиу на средба со новинарите.


Во однос на 100-тината објавени огласи за вработување во јавна администарција, Алиу рече дека не станува збор за нови вработувања, ниту за партиски вработувања, туку за трансформација на работниот однос, при што е отворена можност да аплицираат и лица кои не се вработени во институциите.

– Донесена е одлука од Владата, сите оние кои со години се во институциите, а се привремени вработени, да се најде начин, доколку има потреба од нив, да се трансформира нивниот работен однос на неопределено време.


Така што тоа не се нови вработувања. Со новите закони од 2025 година нема да има можности за вработувања преку Агенцијата за привремени вработувања.

Така што не е случајно што оваа 2024-та ќе биде година на оптимизација на човечките капацитети во сите институции според новите закони.

За да нема критики дека станува збор за партиски вработувања, процесот е отворен, едноставено не се донесе одлука директно истите вработувања или истите луѓе кои со години работат во институциите да се префрлат од определено на неопределено време, туку процесот е отворен и може да конкурираат и граѓани кои не се дел од тие институции, посочи министерот за информатичко општетство и администрација.

Во однос на Законот за висока раководна служба, тој посочи дека тој е во процес на подготовка.

Драфт верзијата веќе е на ЕНЕР, но две работни групи работат на нови верзии и на крај ќе се одбере кој пристап ќе биде најприфатлив.

-На ЕНЕР е ставена последната верзија за која што имавме и јавна дебата.

Овие две верзии се работни верзии, се уште не се завршени во работните групи и исто така треба да се презентираат пред нас како институција, а после да имаме уште еднаш јавна дебата за тие верзии, рече Алиу, додавајќи дека до крајот на јануари или почетокот на февруари ќе бидат подготвени драф верзии од овие две работни групи.

 Во однос на обезбедувањето орбитална позиција за државата, Алиу кажа дека тоа значи многу за државата, но и за дигитализацијата на општеството, бидејќи тоа ќе обезбеди посигурни податоци за граѓаните, поевтина трансформација на дигитализацијата во општеството.

Следниот чекор ќе биде лансирање сателит, што е вели, престиж за земјата. -Фактички во моментот имаме координати дефинирани за нашата држава и тие се фиксни и веќе ни се на располагање.

Втората фаза е анализа и таа фаза трае две до три години, каков тип на сателит и дали ние (анализа и финансиска анализа) ќе одиме со лансирање на сателит или ќе се изнајми простор за одреден период.

Тоа ќе треба да биде одлука на државата заедно со IQ. Знаете дека IQ е најстара институција во светот која што ги дефинира фреквенции за комуникации во орбитата.

Таму има три нивоа, ние на третото ниво ни е позицијата на орбитата на 16,6, вели Алиу.

 Во однос на наредната година за МИОА, фокусот останува на продолжување на процесот на  дигитализација на јавните услуги и нивна поголема достапност до граѓаните. – Националниот портал uslugi. gov.

mk веќе се работи за да биде инклузивен.

За жал, по нашите анализи направени во МИОА една од главните цели зошто нашите  дигитализирани услуги многу малку се користат од граѓаните беше заради тој интерфејс на порталот којшто е многу тежок односно не е лесен за употреба.

Затоа интензивно работиме да имаме нов интерфејс преку којшто многу лесно ќе може граѓаните да доаѓаат до услугите што ги имаме. Исто така, ќе продолжиме со зголемување на дигитализација на услугите.

Дигитализираме 135 нови услуги, 40 од нив веќе се завршени, другите се тестираат. Ако резултатите покажат дека се доволно добри и во согласност со перформансите, тие ќе бидат во продукција.

Значи, 134 или 135 услуги, од тие веќе еден дел се во продукција, другиот дел во тест околина, вели министерот Алиу.

  Во однос на реформата во јавната администрација, тој рече дека со петте нови закони се отвора пат за нејзина оптимизација.

Покрај дигитализација, Алиу наведе дека и вештачката интелигенција е дел од тој еко-систем.

МИОА, најави тој, ќе излезе со Акциски план за вештачка интелигенција во јавната администрација што вели, ќе помогне многу и во самите процеси во јавната администрација, но и за граѓаните за да можат полесно да стигнат до информации важни за нив.

 Прашан за причините за намалување на бројот на вработени во јавната администрација, но и падот на интересот за да се вработуваат, една од нив тој ја лоцира во платите, како и во немањето прецизно дефиниран кариерен развој на јавната администрација, работи што, се надева дека ќе се променат со новите закони кои се во собраниска процедура.

-Сега веќе се дефинира јасна рамка за дефиниција на платите во јавниот сектор.

Досега имаше еден хаос во кој може да работите во една институција, а ваш колега со ист профил во друга институција и да има поголема или помала плата, така што тоа сега ќе се отстрани.

Друг момент се патните трошоци. Како мала држава, јавните институции се концентрирани во Скопје и проблемот на вработените надвор од Скопје беше и трошењето на дополнителни средства за патни трошоци.

Со новиот закон од 2025 година ќе бидат 50 проценти покриени трошоците на сите граѓани без разлика дали се тие од Скопје или надвор од Скопје така што цениме дека со тоа ќе дадеме придонес кон јавната администрација и добрите профили и надвор од Скопје да може да аплицираат и да бидат дел од институциите, рече Алиу.

Владатата ги усвоени петте закони предложени од Министерството за информатичко општество и администрација, кои се важни за реформата на јавната администрација и дигиталната трансформација на државата и кои се очекува да придонесат за забрзување на процесот на унапредување на демократските процеси во земјата, доближување на јавната администрација до граѓаните и синхронизација на дигиталните процеси со европските трендови.

Тоа се Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи и дигитална трансформација, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување и електронски услуги и Предлог законот за стручно усовршување и оспособување на административните службеници.

вг/бак/Фото: МИА  .

Извор: МИА