Алиу: Дигитализацијата и подобрување на квалитетот на услуги е наш главен приоритет


Дигитализацијата и подобрување на квалитетот на услуги е наш главен приоритет, истакна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, кој денеска присуствуваше на настан организиран од Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) на тема: „Северна Македонија – денес и утре“, што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа.


– Во однос на дигиталната трансформација на државата, Министерството за информатичко општество и администрација има три главни столба врз управуваме и градиме политики.


Првиот е инфраструктурата и ИТ, вториот столб е јавната администрација, а третиот столб се медиумите.

Во однос на инфраструктурата, сакаме да го подобриме квалитетот на интероперабилноста во државата, односно да ги поврземе институциите хоризонтално за комуникацијата да биде во реално време и безбедна.


Во однос на создавањето на дигитални услуги, интензивно работиме со цел, до крајот на годината да имаме 150 дигитализирани услуги во нашата држава.

Знаете дека преку дигитализацијата го подобруваме квалитетот и оптимизацијата на услугите и во таа смисла, крајниот резултат е граѓаните да имаат подобра и пооптимална услуга, истакна министерот Алиу.


Притоа посочи дека преку дигитализацијата на услугите ќе имаме намалување на корупцијата и чекањето во долги редици на шалтерите.

– Дигиталната трансформација, или дигитализацијата на процесите, ја намалува или ќе ја елиминира корупцијата. Особено корупцијата на ниско ниво.


За да стигнете до која било услуга ви треба многу време, или ако има можности за злоупотреба, некој администратор ќе ги искористи.

Преку дигитализацијата го заобиколувате чинителот администратор кој може да ве држи долго време за таа услуга, или пак ќе ја злоупотреби со давање на оваа услуга.

Единствено на овој начин може да се оптимизира јавната администрација, не само инфраструктурно, туку и во однос на давање услуги.

Кога велам оптимизација, мислам во однос на време, но и во однос на злоупотреба на службената должност, рече министерот Алиу. ир/сп/ФОТО: МИОА .

Извор: МИА