Breaking News

Алиев им понуди на Ерменците во Нагорно-Карабах „перспектива за соработка и помирување“


Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, им понуди на етничките Ерменци од регионот Нагорно-Карабах, како и од соседна Ерменија, „перспективи за соработка, помирување и заеднички развој“.


Во вчерашното телевизиско обраќање, тој рече дека Азербејџан повторно го воспоставил целосниот суверенитет над својата територија и сега сака да го интегрира населението на Карабах и да го претвори тој регион во „рај“, пренесуваат британските медиуми.


Тој изјави дека Азербејџан нема ништо против Ерменците од Карабах, велејќи дека овие луѓе се „наши граѓани“, но се противи на нивното, како што вели, „криминално сепаратистичко раководство“.

Алиев нагласи дека го цени фактот што Ерменија, на чија поддршка се потпираше Нагорно-Карабах три децении, не сака да интервенира во воената операција на Баку, иако официјален Ереван остана „внимателен“.


-Ова ги подобри шансите за мировни преговори, рече претседателот на Азербејџан.

Азербејџан денеска објави дека Ерменците од Нагорно-Карабах пристигнале на разговори во азербејџанскиот град Јевлах, откако беше постигнат договор за прекин на огнот во отцепениот непризнаен регион.


Пратеникот Рамин Мамадов ја претставува азербејџанската страна во разговорите, јавуваат локалните медиуми.

Азербејџанскиот претседател Алиев прогласи победа во Нагорно-Карабах за време на вчерашното обраќање до нацијата.


Азербејџан најави дека, според договорот за прекин на огнот, отцепените ерменски сили мора да се распуштат и разоружаат, а Нагорно-Карабах ќе биде интегриран како дел од Азербејџан.

Договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах беше постигнат вчера со посредство на рускиот мировен контингент, еден ден откако Азербејџан започна воена операција во регионот и отвори тежок артилериски оган врз ерменските позиции таму.

Локалните власти соопштија дека во нападите се убиени и повредени десетици луѓе. мс/  .

Извор: МИА