Breaking News

Албарес: Шпанија во Брисел се залага за итен прекин на огнот во Газа и признавање на палестинската држава


Шпанија ќе се залага за траен прекин на огнот во Појасот Газа и признавање на палестинска држава на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Брисел, изјави денеска шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.


Во пресрет на средбата Албарес рече дека целата меѓународна заедница треба да ја признае независна палестинска држава бидејќи тоа е „единствениот начин да се гарантира безбедност и стабилност“.


Тој додаде дека средбата денеска ќе биде „основа за светскиот мир и стабилност“.

Нагласи дека европските министри за надворешни работи ќе се сретнат со своите палестински колеги и колегите од Израел, Египет, Јордан, Саудиска Арабија и генералниот секретар на Арапската лига со цел да ги „слушаат нивните ставови“ и да разменат мислења од Европа.


Шпанскиот министер за надворешни работи рече и дека ќе се залага за неограничен пристап до хуманитарна помош во Газа, како и за предлогот на Шпанија за одржување на мировна конференција.

„Мировната конференција ќе послужи за спроведување на решение за две држави, кое служи за создавање на вистинска и одржлива палестинска држава“, додаде тој.


И високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика, Жозеп Борел, денеска инсистираше на решение со две држави, велејќи му на Израел дека не може да гради мир „само со воени средства“.

„Какви други решенија имаат на ум? Да ги натераат сите Палестинци да заминат? Да ги убијат? 25. 000 веќе се убиени во Газа, 70 отсто жени и деца“, рече Борел.


Заедничката позиција на шпанските официјални лица би можела да се соочи со отпор од другите земји од ЕУ кои повеќе го поддржуваа Израел.

Сепак, денеска дури и германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, им рече на новинарите пред состанокот дека решението со две држави е „единственото решение“ за актуелниот конфликт.

рп/Фото: МИА архива .

Извор: МИА