Breaking News

Албанските опозициски пратеници со поддршка за студентите по медицина – бараат од Уставниот суд да се укине Законот за задолжителна работа


Албанските опозициски пратеници предводени од демократот  Газменд Бардин, поднесоа барање до Уставниот суд за суспензија и укинување на законот со кој младите лекари се обврзани да работат пет години по добивањето на дипломата, јави Топ чанел.


Со ова барање пратениците се приклучија на барањето на студентите по медицина кои од почетокот на академската година, на 1 октомври,  ја  бојкотираат наставата и се на секојдневни протести.


Веста на социјалните мрежи ја соопшти координаторот на пратеничката група на Демократската партија,  Газмент Барди.

„Пратеничката група на ДП го поддржа барањето на студентите по медицина да се пожалат до Уставниот суд на Законот за задолжителна работа по завршување на студиите.


Почитувајќи ја реакцијата на студентите и нивниот протест, без никакво политичко мешање, уште еднаш апелираме Владата да го слушне гласот и загриженоста на студентите и да даде решенија за нивните барања“,напиша Барди во објавата на Х .

Албанскиот парламент го изгласа законот на 4 јули, без гласовите на опозицијата.


Тие и пред изгласувањето на законот протестираа во знак на незадоволство од истиот, а барањето и несогласувањето со истиот му ги пренесоа и на шефот на државата, Бајрам Бегај.

Владата го подготви овој закон поради масовното заминување на белите мантили, пред сè во Германија и во Италија, поради што се чувствува голем недостиг на овој кадар.


Нивните здруженија тврдат дека во изминатите години земјата ја напуштиле над 4. 000 лекари, меѓу нив и голем број специјалисти, како и над 10. 000 медицински сестри. вт/сд/Фото: Барди Х   .

Извор: МИА