Breaking News

Албанскиот претседател повика на соработка и дијалог за мир, безбедност и надеж за подобра иднина


Албанскиот претседател Бајрам Бегај на синоќешниот свечен прием организиран за претставници на дипломатскиот кор во земјата, повика на соработка и дијалог за мир, безбедност и надеж за подобра иднина, нарекувајќи ја дипломатијата не опција, туку неопходност.


Го потврди ставот дека Албанија ќе продолжи со „надворешна и безбедносна политика усогласена со Европската Унија и САД“, како и да се ангажира во зајакнување на мултилатерализмот и регионалната соработка.


Тој ја истакна важноста од поддршката за Западен Балкан од страна на Европската Унија преку создавање механизми кои овозможуваат не само политичко усогласување, туку и економски напредок и олеснувања за секојдневниот живот на граѓаните.

-За Албанците во регионот, членството во ЕУ е прашање од национален интерес, изјави Бегај, додавајќи дека албанскиот фактор придонел и ќе продолжи да придонесува за мирот и безбедноста во регионот.


Во однос на Косово, Бегај повика на меѓународно признавање од страна на оние држави кои не го направиле тоа и ставање крај на статус-кво, со цел да се избегнат ситуации како нападот во септември 2023 година во Бањска, кои можат да донесат сериозни последици за регионот и Европа.

Тој ја поздрави либерализацијата на визите за граѓаните на Косово и го повтори својот став за неговата евроатлантска интеграција.


-Решавањето на косовско-српските недоразбирања не е само политичко, туку е безбедносно прашање за регионот и Европа, оцени тој.

Во текот на овој говор, Бегај го потврди ставот дека Албанија ја поддржува Украина за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет.


-Во однос на конфликтот Израел-Хамас, Албанија го поддржува решавањето на конфликтот и почетокот на разговорите за изнаоѓање решение со две држави, во мир и меѓусебна соработка.

Кризите и заканите наоѓаат израз во одолговлекувањето, и директно во неуспехот на дијалогот, во нападот врз демократските принципи на владеење и во создавањето дијаметрално спротивни дискурси и дејства, а соочувањето со овие предизвици и закани бара од нас да бидеме обединети во сојуз за заштита на мирот и демократските вредности, рече тој.

Со цел да се забрза интеграцискиот процес на Албанија во ЕУ, Бегај ја истакна неопходноста од продлабочување на реформите и унапредување на социјално-економскиот развој кои им служат на Албанците и отворање на поглавјата за членство во Унијата како и консолидација на довербата на сојузниците предводени од Соединетите Американски Држави.

вт/ссм/Фото: Фејсбук страна на Бегај  .

Извор: МИА