Албанија: Заврши мисијата на италијанската финансиска „полиција“ за мониторинг на парцелите со канабис; уништени се 300 илјади садници


Заврши двомесечната мисијата на припадниците на италијанската Гвардја ди финанца, Агенција за спроведување на законот под надлежност на министерот за економија и финансии, а која беше ангажирана за мониторинг од воздух на територијата на Албанија и откривање на парцели засадени со канабис.


На нивното испраќање на меѓународниот аеродром во Тирана присуствуваше министерот за внатрешни работи Таулант Бала, високи претставници на албанската државна полиција и италијанскиот амбасадор во Тирана, Фабрицио Буци.


Заблагодарувајќи им се, Бала ја истакна тежината и важноста на мисијата на GdF во борбата против одгледувањето наркотични растенија и изрази благодарност од името на албанската држава за нивната работа.

-Во име на албанската влада, би сакал да ја изразам сета моја благодарност до сите службеници на Guardia di Finanza за нивната континуирана посветеност низ годините за поддршка на нашите полициски сили и во корист на албанското население.


Направивте 185 часови летање, 63 летачки мисии, од север до југ и безброј резултати постигнати во соработка со нашите полициски сили.

На откриените парцели уништени се 300 илјади стебла канабис, рече меѓу другото Бала.


Зборуваше и за блискоста и полициската соработка меѓу двете земји, велејќи дека мисиите, како што е оваа штотуку завршена, се жив доказ за блискоста на италијанските институции со албанските институции, особено меѓу Guardia di Finanza и државни полициски сили.

Бала му се заблагодари на италијанскиот амбасадор за неговата посветеност и придонеси во зајакнувањето на соработката меѓу двете земји. -Ви благодариме министре за сè што правите.


Ви благодариме за натамошното зајакнување на билатералната соработка со Италија.

Пораката што сакаме да ја дадеме денес е дека заедничката борба против криминалот и трговијата со дрога продолжува до конечна победа, рече амбасадорот Буци.

Мониторинг од воздух припадниците на италијанската полиција вршат повеќе години на ред, но посебно нивната ангажираност е нагласена откако одгледувачите на канабис се дислоцираа во планинските и тешко достапни предели.

вт/ссм/Фото: принтскрин .

Извор: МИА