Breaking News

Алатка на Народната банка за споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките


Граѓаните од денеска можат на брз и едноставен начин да направат споредба на надоместоците за платежните услуги кај банките преку веб – страницата на Народната банка на Република Северна Македонија, преку користење на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги“.


– Зголемената транспарентност и споредливост на услугите се најзначајните придобивки и новини кои за граѓаните ги донесе Законот за платежни услуги и платни системи.


Со обврската за примена на стандардизирани термини и опфат за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги од страна на банките и нивно редовно доставување до Народната банка за објавување, ќе им се овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредат понудите и надоместоците за услугите поврзани со платежните сметки, информираат од Народната банка.

 На веб страницата на Народната банка се објавени податоците по поединечна банка за видот и висината на надоместоците што ги пресметуваат и наплаќаат за секоја од услугите што се определени како најрепрезентативни за потрошувачите.


Давателите на платежните услуги, се вели во соопштението, самостојно ги утврдуваат надоместоците и се одговорни за точноста на доставените податоци за објавување од Народната банка.

Со цел корисниците на платежни услуги да можат да располагаат со ажурни и соодветни информации, банките имаат обврска истите да ги ажурираат при секоја промена на надоместоците. аа/Фото: НБРСМ .


Извор: МИА