Breaking News

Агелер: Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси 


–  Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси, порача американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на отворањето на шестото издание на МЕФ Енергетскиот Форум 2023.


 Европа и Северна Македонија, рече Агелер, се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања.


Таа нагласи дека енергетската криза од изминатиот период што беше исклучително тешка, а поттикната од руската агресија во Украина потенцирала колку е важна енергетската независност, особено тука во Северна Македонија.

 -Имавме напори секаде во Европа, кај американските партнери за да останат топли домовите во Северна Македонија, но овие прашања се уште не се решени.


Зимата повторно ќе се врати и апелирам до сите итно да дејствувате за диверзификација на енергетските ресурси, рече Агелер.

 Таа истакна дека САД работат напорно на зајакнување на енергетската издржливост и отпорност и потсети дека неодамна и помогаа на Северна Македонија да има транспарентно и ефикасно тргување со електрична енергија.


 -Апелираме да се склучуваат партнерства и со локалните бизниси каде што нашите американски партнери може да обезбедуваат производи и услуги за запазување на еколошките цели, рече американската амбасадорка.

Тема на форумот што ќе се одржува денеска и утре е „Подобрување на триаголникот: Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“.


Учествуваат претставници од Владата, функционери од регионот, домашни и странски енергетски компании, меѓународни организации и граѓански организации.

 Клучната порака на учесниците на форумот е дека климатските проблеми се најголем предизвик за човештвото, а енергетската транзиција е клучна алатка во справувањето со тоа.

Климатската транзиција,  беше  истакнато, мора да биде инклузивна, со вклучување на граѓаните и малите бизниси заради енерегетска демократија и инклузивен економски раст.

 МЕФ Енергетскиот Форум 2023 е во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата и Делегацијата на ЕУ во Скопје, под покровителство на вицепремиерот Битиќи. лв/мч/  .

Извор: МИА