Breaking News

Адвокатот на Тачи се повлекува бидејќи обвинетиот не ги исполнил обврските кон него


– Американскиот адвокат Грег Кихо најави дека ќе престане да го брани поранешниот командант на ОВК Хашим Тачи пред судот во Хаг бидејќи Тачи „не ги исполнил обврските“ кон него и неговите соработници.


На Тачи му се суди пред специјалниот косовски суд во Хаг под обвинение за воени злосторства во Косово и Албанија, 1998-99 година.


Во барањето за разрешување од должноста бранител, објавено денеска на веб-страницата на судот, Кихо како образложение наведува дека „Тачи не ги исполнил обврските“ кон него и петмина негови соработници.

Адвокатот Кихо нагласи дека го предупредил Тачи оти ќе се повлече, но Тачи и покрај тоа не ги исполнил обврските. Потоа Кихо на 19 јануари до судот поднесе барање за повлекување.


Кихо се повика на судскиот кодекс според кој бранител може да бара повлекување „доколку клиентот не ги исполни обврските кон адвокатот во однос на неговите услуги и ако е предупреден дека бранителот ќе бара разрешување доколку не се исполнат обврските.

“Специјализираните совети на Косово, како што официјално се нарекува судот, го назначија Кихо за бранител на Тачи на 25 мај 2021 година.


Кихо ја водеше одбраната на Тачи во судницата од почетокот на судењето, на 3 април минатата година.

Според судските правила, барањето за повлекување на главниот бранител на Тачи мора да биде одобрено од судскиот совет на американскиот судија Чарлс Смит.


Во барањето, Кихо изразил подготвеност да продолжи да го застапува Тачи се додека не биде назначен нов бранител на Тачи, а најмногу 45 дена.

Како што пренесе Бета повикувајќи се на медиуми, трошоците за одбраната на Тачи и на другите обвинети Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи досега биле на товар на косовските власти.

Сите обвинети ги бранат странски адвокати, повеќето од Велика Британија. јт/Фото: Интернет .

Извор: МИА