smart

АД Електрани: Водата во Тиквешко Езеро е во рамките на пропишаното со водостопанска дозвола, биодиверзитетот во акумулацијата не е нарушен


По реорганизацијата во ДУИ откако во септември т.н. „Огнена група“ побара реформи во партијата и по одржаниот партиски Централен совет на кој беше избрано новото претседателство, битката на теренот се вжештува и двете струи најавуваат средби со гласачите.


Еден од лидерите на „огнените“, Изет Меџити во вторникот најави дека в сабота во 19 часот ќе одржат состанок со структурите на огранокот на ДУИ во Битола. Неколку часа подоцна, на социјалните мрежи се појави уште една објава, овој пат од министри од ДУИ, на која најавија средба во ограноците на партијата во Чегране и Гостивар под мотото „Заедно за ЕУ“ за истиот ден и во исто време.


Превирањата почна откако членови на ДУИ на 24 септември во отворено писмо обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, според нив, станало индивидуално.

Во писмото, потпишано од 20-тина членови на ДУИ, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Мерита Коџаџику, се бараше внатрепартиска дебата за надминување на ваквата состојба и беше упатен повик до лидерот на партијата Али Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.


– Во ДУИ речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, беше наведено меѓу другото во писмото.

Потписниците посочуваа дека „арогантното однесување на извршната власт на чело со Артан Груби“, предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.


По барањето на т.н. „Огнена група“ на 15 октомври во Тетово се одржа седница на Централниот совет на ДУИ на која беа избрани четворица партиски потпретседатели – Бајрам Реџепи, Изет Меџити, Арбер Адеми и Арбана Пашоли, нов генерален секретар – Фатон Амети, организациски секретар – Блерим Беџети, секретар за родова застапеност – Саранда Имери, како и 37 членови на Централното претседателство.

По состанокот, портпаролот на ДУИ и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи оцени дека листата на новите партиски функционери е инклузивна по однос на регионалната, генерациска и полова застапеност и дека таа била едногласно поддржана од Централниот совет.


– Отчетноста е наша постојана задача. Ние отчетност даваме пред се пред вас, пред јавноста и тоа го правиме најредовно можно. Но, се разбира, имаме должност да бидеме отчетни и кон органите на партијата коишто не имаат предложено. Сега се формира, т.е. денеска се формираше Претседателството и очекувам до крајот на месецот да ја имаме и првата конститутивна средба, изјави Османи.

Конститутивната седница на новото Централно претседателство на ДУИ, одржана на 29 октомври, Османи беше избран за портпарол на партијата, Арбр Адеми за заменик портпарол, а Артан Груби за шеф на Кабинетот на лидерот на партијата Ахмети. Избрани беа и сите советници во Кабинетот на Ахмети, како и сите секретари во 16 партиски секретаријати. На седницата започна и презентацијата на извештаите за работата на министрите, заменици министри и државните секретари од редовите на ДУИ, која продолжи на новото заседание на Претседателството одржано на 19 ноември.

Османи по конститутивната седница изјави дека се разговарало за актуелната политичка состојба во земјата со акцент на евроинтеграциите на создадениот политички моментум во евроинтеграциите, определувајќи ја 2030 како година кога земјата треба да стане членка на Европската унија. Според него, уставните измени и самите преговори остануваат главен приоритет на партијата во наредниот период и очекуваме тоа да биде и главен општествен приоритет.

Но, несогласувањата во партија не престанаа, па на 7 јануари годинава т.н. „Огнената група“ ги започна средбите со членството на ДУИ со состанок во Студеничани од кој упатија забелешки по однос на, според нив, „неефикасното исполнување на партиската изборната програма 2020-24 година“ и побара од раководството на партијата „да ги повика на одговорност министрите од нивните редови во Владата, како и кадрите од пониските ешалони во власта“.

Од средбата во Студеничани, на која присуствуваа и Кастриот Реџепи, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Невзат Бејта и Муса Џафери, Меџити му порача на лидерот на партијата Али Ахмети дека го поддржуваат, но, како што посочи, „да не го гори јорганот заради неколку болви“.

– Реализацијата и ефикасноста на нашата извршна власт во Владата е под два проценти. Ја поддржуваме евроатлантската насока на Владата, не само со изјави, туку и со конкретни акции, како што беше поддршката во критичните случаи, вклучително и вредниот придонес на Кастриот Реџепи. Бараме одговорност од извршната власт за нивната неефикасност. Бараме рефлексија внатре во партиските органи, да се коригираме додека не не исправат (коригираат) граѓаните. Ние сме непоколебливи во поддршката за нашиот лидер Али Ахмети, но праќаме порака „да не гори јорганот заради неколку болви“, објави тогаш Меџити на Фејсбук. фф/сп/

2023-01-12 12:17:54, од Фатиме Фазлији