Breaking News

Жителите на Влае не се откажуваат од борбата против урбаната мафија


Жителите на Влае вчера се собраа на Плоштад Делфина под мотото „За спас од бетонизација на Влае“.


Целта на собирот беше делење и пишување што повеќе анкетни листови за истите да бидат поднесени денес, на последниот ден од јавната накета, на ден 30.10.2023 до 15:30, во бараките на Општина Карпош.


Борба за Влае ја обвинува Општината за прекратиот рок за јавната анкета (само 5 работни денови), за оневозможувањето да поднесуваат анкетни листови во Месната заедница во Влае 2, но најмногу од се за одлуките во Деталниот урбанистички план да ги остави спорните објекти.

Велат дека разликата меѓу стариот и новиот предлог ДУП е очигледна. Позитивните промени се гледаат во ослободени спорни парцели од згради, спортското игралиште не станува затворена сала, инклузивното игралиште не станува црква. Но сепак на најспорните локации нема промени на подобро. Зградата на Кино Влае пораснала од 11 на 12 ката, а објектите од јавен интерес (градинка, здравствен дом) се планирани со 40% комерцијална намена.


Борба за Влае порачува дека ако Општина Карпош навистина се грижи за жителите треба да ги тргне спорните објекти од ДУП-от и тој веднаш ќе биде гласан од советниците (кои самите беа на вчерашниот собир да покажат поддршка за барањата).