Breaking News

Заврши снимањето на краткометражниот игран филм ,,Ракетно моделарство”


Играниот филм е работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на Стримон Филм Скопје


„Ракетно моделарство” е краток филм кој обработува тема од детскиот живот каде сите ние сме биле некогаш под нечие влијание. Децата се најмногу изложени, поготово во денешницата. Влијание на деликвенти, влијание на постари деца, влијание на средината, наркотици. Филмот е за конфликт помеѓу исполнување на сопствениот сон и туѓото влијание за негово остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за својот живот и животниот сон. Снимањето се одвиваше низ различни локации во Скопје и во моментов е во пост-продукциска фаза.


Главен лик е Калин, дете на 11 годишна возраст кое сонува за вселената и патот до неа. Сака еден ден да биде космонаут или инженер кој ќе гради ракети. Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство на кои учи да изгради ракета, модел кој лета на барут. Живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.

Детскиот ум иако многу слободен и креативен треба да знае што е добро, а што лошо, да поставува граници и да не потпаѓа под влијание.


Во филмот играат познатите македонски актери Никола Ристановски, Катерина Коцевска и Петар Мирчевски. Главните детски ликови ги играат Дамјан Ѓуроски во улога на Калин, Матја Милан во улога на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.


Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа – Ристовска.

Проектот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Македонска Радио Телевизија.


Во продолжение дел од атмосферата во која се одвиваше целиот процес зад камерите.