За топол дом сонуваат 47 ромски семејства, но и годинава ќе живеат во старите згради на поранешното штипско Нервно одделение


Живеат во субстандардни услови, во една соба се и по 12 члена од едно семејство. Во една зграда има само по еден тоалет, условите за хигиена се на најниско ниво. Покривите на објектите протекуваат на секој дожд и снег, а на одредени делови од нив се гледаат облаците преку ден, а ноќе пак ѕвездите. Вака изледа животот и домувањето на 47 ромски семејства од Штип, кои времено се населени во старите и руинирани згради на поранешното Нервно одделение.


Надеж дека ќе си заминат од оваа локација и од овие стари згради има. Ерол Адемов, вработен како виш референт за односи со заедниците во Општина Штип, за МИА вели дека за овие семејства е предвидена изградба на типски куќи со нормални услови за живот.Топлите домови ќе им се градат со финансиска помош од Европската Унија, партнери се Општините Штип и Берово, а проектот е за подобрување на условите за живот на ромските заедници.


– Општината е носител на проектот, а имаме и партнери, тоа е Општината Берово и НВО „Зелен институт“ од Скопје. Ова е повеќегодишен проект, што локалната самоуправа го имплементира. Главните активности се донесување на Детални урбанистички планови(ДУП) во ромските заедници, вели Адемов.

Во изминатите две години секој градоначалник излегуваше со изјави за различни локации за изградба на овие типски куќи, но на крајот актуелната локална власт донесе одлука нивната изградба да се реализира на првичната локација на потегот кон Шашаварлиски пат, бидејќи има постоечката документација.


Од Општина Штип информираат дека во тек се премери на локацијата, како и изработка на основен проект и се надеваат дека до крајот на годината ќе дојдат и до фазата добивање на градежното одобрение за изградбата на типските куќи.

– Две години се говори за ова, во неколку наврати се менуваше локацијата за изградба и поради тоа изгубивме многу време, но повторно се вративме на истата локација и се надевам и верувам дека во периодот што следува, во текот на оваа година, откако ќе бидат обезбедени сите проектни документи, дозволата за градба и да се избере најдобриот изведуувач и да може да се започне со овие активности. Општината работи на ова и веќе е закажан и состанок на Управниот одбор, на кој ќе се одреди динамиката за спроведување на главната цел, а тоа е згрижувањето на 47 семејства, кои се сместени во старото Нервно одделение, вели Адемов.


Посочува дека во рамки на проектот предвидено е и донесување на два Детални урбанистички планови, чиј опфат е околу 30 хектари или 90 проценти каде што живее ромското население во Штип.

Според теренското ажурирање на бројот на жители од ромската популација по спроведениот Попис во 2021 година на територија на Општина Штип живеат околу 2.500 Роми или, како што вели Адемов, 200 Роми биле не попишани и затоа се појавува таа разлика меѓу бројките.


– Пописот даде одредени релевантни податоци, но ние со пописот што го направивме опфативме и други сегменти од секојдневното живеење од ромската заедница. Ние го опфативме и нивниот социјален статус, дали се вработени, какви се нивните примања, дали се корисници на одредени социјални права, како и дали имаат незапишани деца на училиште? Резултатите покажаа следно дека ромската заедница живее во лоша инфраструктура, а токму преку проектите се обидуваме и да ја подобриме, истакнува Адемов.

Анкетата покажала дека најголем проблем за ромската заедница останува инфраструктурата, изградба на нови улици, водоводна и канализациона мрежа. Целта е и сите деца да бидат во училишните клупи, но, потенцира Адемов, се зависи од родителите. Има одговорни родители, но има и родители кои нередовно ги пуштаат децата во училиште.

– Од анализата што ја направивме на последниот состанок беа околу 60 деца, кои не одат редовно на настава и затоа и договоривме да формираме тим, што во периодот што следува, затоа што и започнуваат уписите во прво одделение, ќе ги посетиме сите овие семејства, ќе разговараме и со родителите, а ќе бидат вклучени училиштата и вработените од локалната самоуправа, додава Адемов.

Вработените во Општина Штип за односи со заедниците, две невладини организации од Штип, заедно со УНДП работат и на вклучување на повратниците од странство во системот. Нивната бројка е различна, но во овој момент во Штип се регистрирани околу сто семејства повратници од странство.

– По Нова година организравме веќе две обуки за стекнување работни вештини, со цел овие лица да добијат основни вештини за барање на работа, пишување СИВИ и интервју пред работодавач. За овие лица на 13 април во рамки на караванот ако го немаат оформено основното образование, а веќе имаме идентификувано 50 лица, кои се повратници, а го немаат оформено основното образование да можат да го оформат ова образование, вели Адемов.

Во рамки на овој проект ќе имаат и презентација на програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата за вработување, потоа обуки и курсеви, а на трите одржани форму одлучено е да се изгради и детско игралиште кај месноста Света Недела.

Имаат идентификациски број, но за институциите не постојат, немаат право на здравствено осигурување, образование, вработување, отварање на сметка во банка, едноставно не можат да ги остварат основните човекови права. Во Штип вакви лица, кои се нарекуваат „фантоми“ за институциите, ги има вкупно 20.

– Овие лица ги имаме идентификувано, ги идентификуваме и оние кои доаѓаат од странство, а се тука немаат извод на родените. Процедурите се долги за да обезбедиме извод на родените, каде што е родено лицето. Откако ќе го добиеме изводот веќе е многу полесно да можеме да го впишиме во Управата за водење на матични книги, а исто така можам да кажам дека овие деца кои не се запишани во Управата за водење на матични книги имаме и повеќедецениско незапишување. Нивните родители не се запишани и можам да кажам дека две-три генерации имаме семејства кои не се запишувани и е навистина проблем да се запишат, вели Адемов.

Верува дека со новиот Закон кој се подготвува овие лица ќе можат да си ги решат проблемите и да бидат видливи за институциите. Лицата „фантоми“ се на различна возраст ги има бебиња, но има и лица кои се над 50 години, некои од нив не можат ниту да дочекаат да ги остварат своите основни човекови права.

Адемов со емоции за МИА раскажува дека последниот случај таков случај е 57 годишната Фатиме Реџеп, која по повеќе од пет децении го остварила правото на државјанство, а во свои раце ја земала и личната карта.

-Таа овде живееше повеќе од 50 години, но без никаква документација. Јас од претходно што го идентификував, пред една година кога ја започнавме постапката за да можеме да ги обезбедиме потребните документи и да го извршиме уписот за неа, првично за државјанство, постапката ни траеше околу година дена, со оглед на фактот дека таа беше родена во Приштина и беше потребно да се замине таму и да се обезбедат одредени документи, за да истите ги доставиме во постапката. Тоа успеавме да го направиме благодарение на сите институции, а за овој случај беа вклучени повеќе институции, потенцира Адемов.

Но, Фатиме Реџеп не ја дочека социјалната пензија, токму на денот кога документите требало да се достават до институциите, на улица ја удира автомобил и се здобива со тешки телесни повреди, едната нога и била ампутирана, но по неколку дена во болницата згаснува нејзиниот живот.

Адемов вели битката мора да продолжи за другите лица, кои секојдневно се откриваат од нивна страна.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: МИА и Ерол Адемов

Штип, 8 април 2023 (МИА)