Breaking News

Во понеделник на 20 ноември компанијата Diageo заедно со 100 волонтери доаѓаат во Беровско


Во последните 2 години, Македонија беше зафатена од повеќе од 500 шумски пожари со финансиска штета од околу 14 милиони евра.


Врз основа на предвидувањата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ ќе бидат потребни повеќе од 50 години за да се обнови штетата направена во последните две години на повеќе од 30.000 хектари шумска површина. Во 2020 година се пошумувале 569 хектари, а во 2019 година околу 1000 хектари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.


Пожарот е под влијание на многу фактори, вклучувајќи географија, клима, временски услови, топографија и човек.

Во големите пожари, кои сè почесто се појава во нашата земја, се уништуваат екстремно големи површини шума.


Глобалниот пораст на температурите и сушните периоди, предизвикани од климатските промени, дополнително влијае на појавата и ширењето на пожарите. Елементите на пожар, кои веќе во лето станаа секојдневие, зад себе оставаат пустош со катастрофални природни последици.

Сојуз на извидници на Македонија и ЈП Национални шуми како главни организатори на акцијата Боренка овој понеделник, на 20 ноември ќе ја одржат овогодинешната четврта акција за пошумување на опожарена површина. Акцијата за пошумување ќе се одржи во околината на Берово, започнува во 10:00 часот и ќе трае до 13:00ч.


Општествено одговорната компанија Diageo како зелен поБОРник на БОРЕНКА за прв пат ќе учествува со своите вработени на акцијата за пошумување заедно со младите ученици и професори од скопската гимназија Орце Николов, извидници од штипскиот извиднички одред Еквинокс, Прв Скопски Извиднички Одред, Извидничко поречански одреди Галеб и Јадран, и Извидничкиот одред од Кичево – Мирко Милески. На акцијата ќе се приклучат и раководните лица на ЈП Национални шуми. Во понеделник ќе се пошумуваат 3000 нови стебла на повеќе од еден хектар опожарена површина.

Точната локација на акцијата за пошумување во понеделник на 20 ноември може да се најде на социјалните мрежи на Боренка


На сите волонтери им е обезбеден бесплатен превоз до и од локацијата за пошумување, садници, заштитна опрема, алат за садење, стручен надзор од работниците од Национални шуми – Берово, вода, сендвичи и овошје.

Акциите за пошумување се одржуваат два до три пати секоја недела од месец ноември, а ќе завршат на 5 декември со симболично одбележување на Светскиот ден на волонтерите.

Да потсетиме, кампањата Боренка во изминатата прва сезона собра повеќе од 1000 волонтери од цела земја, а вкупно извидниците и другите волонтери на Боренка досега засадија повеќе од 20 000 нови дрвја во пожарните области во три региони во земјава.

Ова ја прави Боренка најголемата волонтерска кампања за пошумување и одличен пример како да се здружат бројни волонтери, институции, компании и организации во обновувањето на природата.

Во организацијата на Боренка учествуваат бројни институции кои даваат поддршка на извидниците и другите волонтери. ЈП Национални шуми обезбедуваат садници и друг саден материјал, а нивните експерти едуцираат волонтери и го надгледуваат самото садење. Волонтерите на Сојуз на извидници на Македонија се главната логистичка поддршка во организацијата на пошумувањето. Директна институцијална поддршка Боренка има од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање како и од Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, Хрватски шуми и Сојуз на извидници на Хрватска.