Breaking News

Во Кочани се одржа Меморијалниот меѓуопштински шаховски турнир „Тодор Милосиев – Тошо“


Шаховскиот клуб „Кочани“ денеска беше организатор и домаќин на вториот Меморијален меѓуопштински турнир „Тодор Милосиев – Тошо“, на кој учествуваа 25 шахисти од општините Кочани, Свети Николе, Македонска Каменица и Чешиново – Облешево.


Турнирот се одржува во спомен на долгогодишниот тренер и претседател на клубот, кој е една од шаховските легенди на Кочани, а почина пред две години како последица од Ковид-19. Учесниците се натпреваруваа во детска, младинска и сениорска конкуренција.


-Шахистите играат по Швајцарски систем во траење од по 10 минути во седум кола. Радува фактот што во споредба со минатата година интересот за учество е двојно поголем, a половина од учесниците се момчиња и девојчиња до 15-годшина возраст, со што ја исполнуваме целта за мотивирање на младите да ги откриваат тајните на шахот. Покрај нив, имаме и неколку учесници кои се познати шаховски имиња во државата и надвор од неа, а кои се гордоста на нашиот клуб кој некогаш беше меѓу најдобрите на нацинално ниво. Се надеваме дека ќе успееме да ја оформиме младинската шаховска школа, што беше и една од заложбите на поранешниот претседател Милосиев, истакна Владимир Мицов, член на организацискиот одбор на турнирот.

Организаторите најавија дека се планира турнирот да добие меѓународен карактер со учество на млади шахисти од соседните држави.


Во сениорска конкуренција победничкиот пехар го освои искусниот Гоце Георгиев, а кај младите до 18 години најдобар беше Леон Стефанов. Првото место со ист број бодови во детска конкуренција до 10-годишнa возраст го поделија Матеј Диванисов и Андреј Јовановски. Во женска конкуренција во младинска конкуренција победи Јована Давиткова, која е четирикратна државна првенка и учесничка на Европското и на Светското првенство во шах. Освен признанијата, победниците добија и подароци, а на младинците им беа врачени и парични награди.

Меморијалниот шаховски турнир се одржа со поддршка од семејството на поранешниот претседател на кочанскиот шаховски клуб, а под покровителство на Општина Кочани. та/дма/


МИА

Фото: МИА