Во Ерусалим масовен митинг за поддршка на судските реформи


Десетици илјади Израелци се собраа вчера во Ерусалим за поддршка на контроверзната судска реформа на екстремно десничарската коалициска влада со која се одземаат многу овластувања од највисокиот суд во земјата.


Со оглед на редовните масовни протести на оние кои се против најавената реформа, израелското општество стана поларизирано, при што поддржувачите на најавените промени веруваат дека тие ќе ја вратат рамнотежата меѓу властите. Така, владата и нејзините поддржувачи тврдат дека се неопходни промени за да се скротат судиите кои се однесуваат како активисти и агресивно навлегле во сферата на парламентот и извршната власт.


– До сите мои пријатели кои седат овде, погледнете колку имаме моќ, рече пратеникот од екстремната десница и министер за финансии, Безалел Смотрич, пред толпата во Ерусалим. – Тие ги имаат медиумите и тајкуните кои ќе ги финансираат протестите, но ние ја имаме нацијата. Ќе го поправиме она што треба да се поправи, рече Смотрич.

„Нацијата бара реформи во судството“, беше одговорот на насобраните демонстранти, од кои многумина вееја израелски знамиња.


Министерот за правда Јарив Левин рече дека два милиони Израелци кои гласаа за актуелната влада гласаа и за судските реформи и вети дека „ќе направат значителна корекција на сегашната ситуација“.

На почетокот на јануари, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху најави судска реформа која ќе ги намали овластувањата на судиите на Врховниот суд во корист на демократски избраните носители на законодавната и извршната власт и ќе го намали нивното влијание врз изборот на идните судии. ссм/


фото: ЕПА