Breaking News

Во Берово до крајот на месецот граѓаните можат да поднесат даночна пријава за недвижен имот


Во Берово заклучно со крајот на јануари е последниот рок, до кога граѓаните ќе можат да поднесат даночна пријава за недвижен имот. Во јавната покана до граѓаните од Општина Берово информираат дека согласно Законот за данок на имот, даночните обврзници се должни најдоцна до 31 јануари да поднесат даночна пријава за недвижен имот што го поседуваат, а кој не е пријавен за оданочување.


-Даночните обврзници треба најдоцна во рок од 15 дена од стекнувањето со право на сопственост на недвижен имот или со право на користење на истиот, да го пријават имотот за оданочување кај општинската администрација. Обврзникот на данокот на имот, кој поднел даночна пријава нема обврска за истиот имот да поднесе нова пријава, доколку нема промени на податоците содржани во претходно поднесената даночна пријава, а кои се од влијание за висината на даночната обврска, информираат од Општината.


Со цел да се олесни постапката за пријавување на данокот на имот, која е обврска на граѓаните и на правните лица како даночни обврзници, како и пријавување на настанатите промени на податоците во врска со имотот подлежен на даночење и податоците на даночните обврзници, од Општината ги поканија да се пријават во просториите на Општина Берово.

За физички лица-граѓани потребни документи се фотокопија од имотен лист, што е изваден по завршување на постапката за легализација или купопродажба на недвижниот имот и лична карта на увид. За правните лица потребни документи се фотокопии од имотен лист и тековна состојба од Централен регистар. вс/цр