Breaking News

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за дуално образование


Владата на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за дуално образование, предложена од Министерството за образование и наука. Согласно заклучоците, се очекува Економско – социјалниот совет, да даде конкретни предлози за стимулирање на компаниите, вклучени во процесот на дуалното образование.


Во учебната 2022/2023 година, соопштија од владината прес-служба, според Информацијата од Министерството за образование и наука, дуално образование се реализира во 61-но средно стручно училиште низ државава, во 225 паралелки со 2.763 запишани ученици и во соработка со 450 компании.


– Во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година, предвидено е зголемување на бројот на дуални паралелки и соработка со над 500-тини компании, се посочува во соопштението.

Проектот за дуално стручно образование, којшто се води по германски терк, официјално започна од септември, 2017 година, а целта е придонес кон зголемување на вработливоста на младите и продуцирање кадри со соодветни вештини и компетенции, оспособени да влезат на пазарот на трудот, веднаш по завршување на средното стручно образование.


Со ова се постигнува и намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на труд. цр/ев/

Фото:Влада на Република Северна Македонија


Скопје, 18 април 2023 (МИА)