Breaking News

Васко Ковачевски заминува од функцијата директор на АД ЕСМ


Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски од лични причини поднел оставка од функцијата и на негово место на следната владина седница ќе биде назначен, Васко Стефанов.


Информацијата ја потврди премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на годишниот извештај на АД ЕСМ.


– Сакам лично да му се заблагодарам затоа што целото свое знаење и труд и време ги вложи во менаџирањето на компанијата во една исклучително тешка и деликатна ситуација која произлезе од енергетската криза, рече премиерот Ковачевски.

За одлуката на директорот на АД ЕСМ, премиерот рече дека разговарале уште во текот на минатата година и дека утрово усно, а утре и писмено, ќе биде доставена оставката која ќе биде констатирана на следната владина седница.


Досегашниот генерален директор на АД ЕСМ останува да работи во компанијата.

– Вработен сум во АД ЕСМ. Прво ќе го земам одморот од 20 дена, а потоа по проценка на новиот менаџмент на ЕСМ и министрите ќе процениме каде ќе биде моето место во компанијата. Она што го протежирам е да се посветам пред се на семејството, односно на моите две деца кои имаат потреба од мене за иден раст и развој односно доообразование, истакна Ковачевски.


Во однос на тоа дали е задоволен колку успешно менаџирал со компанијата, Васко Ковачевски рече дека бројките во делот на производството и во делот на финансиите се најдобра потврда за тоа.

– Убеден сум дека пред се како држава, а потоа и како компанија, успешно ја изменаџиравме кризата. Бевме соочени со сериозни предизвици, некогаш и на дневни, а некогаш и на часовни одлуки, кои требаше да се донесат пред се благодарение на ангажманот на вработените во ЕСМ, кои ја сфатија сериозноста на енергетската криза и кои направија значителен личен влог за сите капацитети да се стават во функција и да се зголеми домашното производство, а со тоа да се намали набавката на електрична енергија, рече Ковачевски.


Тој во јули 2019 година беше избран за претседател на Управниот одбор и за генерален директор на АД ЕСМ. На функцијата дојде од местото директор на РЕК „Битола“ каде што беше назначен во јануари 2018 година.

Ковачевски е дипломиран инженер по термоенергетика. Тој е поранешен советник во Советот на општина Битола во периодот од 2013 до 2014 година, како и пратеник во Собранието во два мандата од 2014 до 2016 година и од 2016 до 2017 година.

Поради пензионирање од АД ЕСМ ќе замине и Добрила Стефанова, а на нејзно место за нов член на Управниот одбор и директор на финансии ќе биде назначена Марија Пејкова. бак/ац/

Фото: МИА архива

Скопје, 6 април 2023 (МИА)