Breaking News

В понеделник во Собранието координација и презентација на Шведското претседателство со ЕУ


Деветти јануари е првиот работен ден за пратениците во Собранието. Започнува со редовната средба на првите луѓе на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери. Од оваа кординација треба да произлезат и активностите за неделата што доаѓа. Засега за понеделник се закажани седници на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за одбрана и безбедност, додека во вторник на 10 јануари се очекува да се одржи првата пленарна седница за оваа година.


Членовите на Националниот совет за евроинтеграции ќе ја слушнат Програмата и приоритетите на Шведското претседателство со Советот на Европската Унија за период јануари-јуни 2023 година.


Седницата на Комисијата за одбрана и безбедност е со една точка на дневниот ред: Предлог – одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина (мај 2023 година до ноември 2023 година).

Првата собраниска седница за годинава е планирана за 10 јануари. На предложениот дневен ред на 99. седница сега се ставени 15 точки, главно закони во прво и во второ читање.


Минатата 2022 година, Собранието одржа 39 нови седници, а заедно со продолженијата од претходно 50. Одржани се осум седници за пратенички прашања, имало четири обраќања на странски гости и едно на претседателот на државата. На овие 39 седници имало 290 усвоени точки на дневниот ред, од кои 190 се разгледани, а 100 неразгледани. ев/бак/