Breaking News

УСС на УКИМ најави отворање на Студентскиот културен центар


Студентскиот културен центар, долгонајавуван проект на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ќе биде отворен в сабота, соопшти претседателот на УСС, Славчо Темелковски.


Отворањето на Центарот, во близина на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, беше идеја на претходното раководство на УСС и неговата претседателка Ева Цветковска. Станува збор за мултифункционален простор каде што сите студенти ќе може да се дружат, работат, а исто така и да се организираат различни настани организирани од Универзитетското студентско собрание.


-Студентскиот културен центар ќе биде ново место каде младите ќе соработуваат и ќе се дружат и ќе се промовираат бендови, уметници итн, изјави Темелковски кој денеска учествуваше на дебата „Билет во еден правец – дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“.

Рече дека УСС го „вратило во живот“ и Универзитетското радио со емитувањето на „Студентски поткаст“ од 23 февруари.


На својата ФБ-страницата, УСС на УКИМ објави дека се особено горди на проектот – новокреираниот канал на Јутјуб кој почна со емитување на „Студентски поткаст”.

-Проект на кој сме особено горди бидејќи произлегува од ентузијазмот и желбата за нешто различно во етерот. Целта на поткастот е презентација на факултетите и запознавање со нивните наставни програми, како и прикажување на реалната слика во општеството и образованието. Поткастот не подлежи на комерцијализација и потрага по кликови. Напротив, зборуваме отворено за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат студентите, објави УСС на УКИМ. хс/


Фото:МИА архива

Скопје, 1 март 2023 (МИА)