Breaking News

Успешно реализирана осмата манифестација „Велигденска традиција”


Раскошна, разиграна и весела атмосфера на градскиот плоштад во Крива Паланка е сликата од осмата манифестација што традиционално на третиот ден од Велигден се реализираше денеска во општина Крива Паланка.


Центарот на градот беше преполн радосни и насмеани лица, настапите на учениците од основните училишта со Велигденски песни ја развеселија публиката, а богатство на настанот му дадоа прекрасните декорации изработени од учесниците во натпреварот за најубави декорации.


Победник во овој натпревар е декорацијата- “св.Јоаким” од Основното општинско училиште “Св.Јоаким Крчовски” , второто место им припадна на “8-3” одделение од ООУ Илинден,а трето место освои декорацијата “Ѕвездички” од детската градинка „Детелинка”.

Годинава покрај традиционалниот натпревар во најцврсто велигденско јајце, во кој победи Божил Митовски, манифестацијата ја збогатија натпреварите во: носење јајце во лажица, во кој најуспешна беше Грета Станковска и натпревар во носење балон во парови во кој победија Ина Ангеловска и Николија Давидовска.


Празнични песни, натпревари, награди за најдобрите се одлика на уште една успешно реализирана манифестација во општината од стана на ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка и културните институции, што ги разигра срцата на присутните.

-Трет ден Велигден во Крива Паланка традиционално се празнува заедно со граѓаните, прекрасна и радосна атмосфера повторно е сликата од нашиот град и плоштад и денес, така што Општина Крива Паланка продолжува да го гради имиџот на град што некако спонтано прераснува во градот препознатлив во организација на манифестации, препознатливи и привлечни за посетителите. Празниците нека донесат мир, здравје и радост во секој дом, Христос воскресе, навистина воскресе!”, порача градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.ид/


Фото: Општина Крива Паланка

Крива Паланка, 18 април 2023 (МИА)