УКИМ ќе ја утврди листата на кандидати за нов ректор, пријавени шестмина за изборите на 30 мај


Универзитетската изборна комисија денеска на состанок треба да ја утврди листата на кандидатите кои ќе влезат во трка за прв човек на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје на изборите на 30 мај.


Рокот за поднесување кандидатури истече вчера и во Архивата на УКИМ биле примени пријавите на шест професори од Скопскиот универзитет кои се кандидати за ректор на УКИМ во мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година.


Претседателката на Универзитетската изборна комисија, проф. д-р Родна Живковска, за МИА изјави дека Комисијата денеска на состанок ќе ги разгледа пријавите на кандидатите и ќе ја утврди официјално листата која ќе биде објавена на веб-страницата на УКИМ.

Според Роковникот за изборите за ректор, листата ќе им биде доставена на кандидатите и тие ќе имаат право на приговор во рок од три работни дена. По рокот за приговори ќе бидат објавени и програмите за работа на кандидатите за нов ректор.


Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе на 30 мај кога се очекува да биде избран новиот ректор на УКИМ. Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата. хс/са/

Фото: МИА архива


Скопје, 3 мај 2023 (МИА)