Напади врз пожарникарите и полицајците со ракети и моќни петарди ја одбележаа новогодишната ноќ во Германија, а епилогот е десетици повредени и приведени лица. Младо лице на 17 години во Лајпциг подлегнало на повредените здобиени од несоодветно ракување со пиротехнички средства.
Полицискиот синдикат од Берлин бара забрана за продажба на пиротехнички средства и дозвола за ракување со пиротехника исклучиво на професионални лица и служби.
Покрај нападите врз вработените во јавните служби, долга е листата повредени од несоодветно ракување со ракети и петарди.
Во источниот град Шенебек, 42-годишен маж настрадал откако бил прегазен од автомобил додека поставувал пиротехника на улица.
Во Уна во западнот дел на Германија, петарда паднала во капата на двегодишно детенце при што тоа е тешко повредено.
Голем е бројот случаи на тешки изгореници и повреди на раце и нозе, изгубени очи. Во Фримар во провинцијата Тирингија, маж (42) се здобил со толку тешки повреди од петарди нарачани преку Интернет што му биле ампутирани двете подлактици.
Политичарите од опозициските демохристијани и владејачките либерали се спротивставија на општа забрана за пиротехнички средства.
Криминалното однесување не смее да значи дека „треба да се забрани огнометот за оние кои мирно прославуваат”, рече пратеникот на демохристијаните, Торстен Фрај. Тој смета дека е доволно што локалните самоуправи веќе можат да забранат огномет на одредени места.
Германците трошат повеќе од 120 милиони евра годишно на пиротехнички материјал. аб/
Берлин, 3 јануари 2023 (МИА)