Тренчевска со делегација во Стокхолм на студиска посета за родова еднаквост


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска од денеска до 6 мај ќе предводи државна делегација на студиска посета во Стокхолм, чија цел е размена на искуства и практики во имплементација на политики на родова еднаквост.


Посетата е организирана како дел од проектот „Советодавни услуги за вклучување на родовата перспектива на македонската администрација на централно ниво“ – Фонд за родова еднаквост (ГЕФ).


-Студиската посета треба помогне во разбирањето на институциите на Шведска кои се вклучени во дизајнирањето, развојот, следењето и евалуацијата на родовите политики. Преку размена на искуствата, делегацијата ќе има можност да ги идентификува добрите практики, да одговори на предизвиците и дополнително да ги зголеми нивните капацитети, вештини и да ги признае новите начини за вградување на родот, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Во делегацијата се Дрита Абдиу Халили, државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Весна Ивановиќ-Кастaред, шефица на Канцеларијата на UN Woman во Скопје, и претставници од овие три институции (МТСП, СЕП и Канцеларија на UN Woman).


Тренчевска и делегацијата ќе остварат средба со претставници на СИДА; Паулина Брандберг – министерката за родова еднаквост и работен век на Шведска; претставници од Шведската асоцијација на локални власти и региони; Марија Сундин и Мигел Палм – советници на ЕУ во Секретаријатот за координација на шведскиот парламент за ЕУ; Кенет Г Форслунд – прв заменик-претседател и Јулија Кронлид – втор заменик-претседател на Работна група за родова еднаквост на Парламентот на Шведска.

Како што најави МТСП, делегацијата ќе има средба и со заменик-претседателката на Комитетот за прашања на Европската Унија, Матилда Ернкранс, и со Хелена Вилхелмсон, член на Комисијата за пазар на труд и член на Управната група на парламентарната соработка за демократски развој.


-Делегацијата ќе го посети и Националниот центар за знаење за насилство на мажите врз жените (NCK) на Универзитетот во Упсала, наведува МТСП во соопштението. хс/са/