Breaking News

Тренчевска: МТСП овозможува високо квалификуван кадар и поддршка за лица на кои им е потребна долготрајна нега


Министерство за труд и социјална политика има двоен пристап кон лицата на кои им е потребна долготрајна нега, кој ги опфаќа услугите од високо квалификуван кадар, но и правата односно материјалната поддршка, што ја добиваат највозрасните лица во државата, како и лицата со попреченост.


Ова го истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на претставувањето на студијата „Пристап до услуги за долготрајна нега во Северна Македонија“, во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на постарите лица и лицата со попреченост за време на Ковид – 19 и идни катастрофи“, во организација на Црвениот крст на Македонија.


– Кога имаме истражувања, анализи и студии на релевантни теми и нивната цел е подобрување на животот на целокупното општество, имаме показател дека се уште има лица коишто живеат за доброто на другите, за доброто на иднината, додаде таа.

Тренчевска информираше дека во моментот на територијата на земјава, согласно Законот за социјална заштита, постојат 78 лиценцирани даватели на социјални услуги, со капацитет да обезбедуваат услуги за најмалку 3.361 корисник. Склучени се 19 управни договори со здруженија и приватни даватели на социјални услуги, за пружање на социјални услуги, како што е лична асистенција, помош и нега во домот, услуга за дневен и привремен престој, живеење со поддршка, третман и рехабилитација на лица коишто имаат проблем со зависности и услугата за стручна помош и поддршка.


Таа соопшти дека во обезбедување на социјалните услуги вклучени се околу 1.051 лица, од кои 966 се директни даватели на услугата – 258 лични асистенти, 567 негувателки и 141 стручни лица и 85 стручни лица одговорни за координирање на услугите. Најголем дел од новите услуги се услуги во домот каде што претежно се опфатени стари лица и резиденцијални домови за стари лица, но исто така и лична асистенција за лица со попреченост, тука се центрите за активно стареење за повозрасни лица и центрите за дневен престој на деца со попреченост, а се развиваат и услуги на советување на деца без родители и родителска грижа и услуги на стручна помош и поддршка на згрижувачките семејства. Услугата живеење со поддршка, покрај старите лица, воспоставена е и за лицата со попреченост.

– Ова се услуги кои ги воспоставуваме, а се имплементирани според потребите на граѓаните и директно одговараат на нивните барања. За мене од особена важност е услугите да ги спроведува обучен и квалификуван кадар, од таа причина ги зајакнуваме капацитетите на стручните лица во установите за социјална заштита. Во текот на 2022 година Заводот за социјални дејности спроведе 67 обуки за стручни лица (56 жени и 11 мажи), коишто учествуваа на почетна обука, како еден од условите за стекнување со лиценца за работа, во системот за социјална работа.


Јованика Тренчевска

Исто така, реализирани се вкупно 23 едукации, согласно Програмата за континуирана професионална едукација на ЈУ Завод за социјални дејности со учество на вкупно 616 учесници (510 од женски и 106 од машки пол) од сите 30 центри за социјална работа, установи за социјална заштита и други даватели на социјални услуги, појасни министерката.


Дополнително, рече таа, заклучно со 31 декември 2022 година, Заводот за социјални дејности реализира активности во рамки на континуираната професионална обука со други установи и организации, со кои се опфатени вкупно 370 (63 од машки и 307 од женски пол) стручни работници.

– Кога ги имаме услугите што ни се потребни и го имаме кадарот кој може да одговори на барањата, нашата цел е да ги има овие услуги на територијата на целата држава, а особено во руралните средини, нагласи Тренчевска.

Таа информираше дека преку ,,Проектот за подобрување на социјалните услуги“, Министерството за труд и социјална политика, заклучно со декември 2022 година, обезбеди поддршка за 34 проекти, преку кои се создадоа услови за развој на социјални услуги, што опфаќаат околу 1.300 корисници на локално ниво, во вкупно 41 општина.

– Фактот што близу половина од избраните општини се рурални средини, што ја потврдува заложбата за достапност на услугите и во најоддалечените места од нашата земја. Еднакво важен аспект од оваа активност е што преку нејзиното спроведување, се креираат и нови работи места за над 400 лица, коишто ги испорачуваат новите социјални услуги на граѓаните. Според мене од сите спроведени мерки, треба да имаме двојни придобивки тоа го покажуваме и со оваа услуга. Меѓутоа, покрај овие цврсти преземени чекори и видливо добри резултати, мене секогаш ме радува ново истражување, затоа што тоа значи нов напредок, подобрување во работата, задоволни граѓани и успешно општество, подвлече министерката за труд и социјална политика.

Пред присутните се обрати и министерот за здравство, Фатмир Меџити истакна дека во однос на пристапот до услуги за долготрајна нега во земјава, во препораките од студијата токму јавната здравствена установа Геронтолошки завод е посочена како позитивен пример за зајакнување на хоризонталната интеграција.

– Навистина ме радува фактот што една установа од јавното здравство е пример за интегрирање на геријатриска, долгорочна и палијативна нега, а воедно и водечка здравствена установа во државата, што обединува различни дисциплини на здравствена и социјална заштита. Министерството за здравство во континуитет ги поддржува акциите на Црвениот крст, а мене ми претставува чест што денеска сум меѓу вас, врвни хуманисти, наши партнери и поддржувачи на Црвениот крст, истакна Меџити . бд/сп/

Фото МИА