“ТЕЛАМОН“ СО ИНВЕСТИЦИЈА ВО НОВА ПРОИЗВОДСТВЕНА ЕДИНИЦА И МОЖНОСТ ЗА НОВИ 300 РАБОТНИ МЕСТА


Компанијата “Теламон – Европа“ денес го претстави новиот, втор производствен погон со површина од 2.200 m2 во кој се планира инсталирање на 2 дополнителни центри за кримпирање на кабли. Овој деловен потег претставува дел од инвестицискиот план за експанзија на “Теламон – Европа“, фирма ќерка на американската корпорација “Теламон“ (Telamon Corporation), со седиште во Индијана, САД.


Според динамиката за работа, најдоцна до крајот на јуни 2023 година во новиот производствен погон ќе биде инсталирана и ставена во функција линија за склопување делови за автомобилската индустрија. Овој чекор креира потенцијал за отворање на нови 300 работни места. Инвестицијата значи зголемување на капацитетот на производството на “Теламон – Европа“ на 10 милиони единици, планирани до крајот на 2023 година. Покрај најавената нова линија, која се очекува да започне со функционирање до крајот на месецот, планирана е и конфигурација на втора производна линија која ќе биде оперативна најдоцна до септември 2023 година.


Досегашната инвестиција на “Теламон“ од 5 милиони евра се зголемува и со оваа нова производна единица компанијата книжи вкупна инвестиција во државата од 8 милиони евра. Покрај директната финансиска инвестиција, “Теламон – Европа“ на годишно ниво, по основ придонеси и даноци, во буџетот на Република Северна Македонија уплаќа над 400 илјади евра.

Оваа нова инвестиција на „Теламон“ означува ново поглавје во плодното партнерство кое од 2018 година го имаме, а кое несомнено носи економски и социјални придобивки за граѓаните. Владата преку своите политики за поттикнување на нови инвестиции  подготвена е да продолжи да ја дава потребната поддршка и да создава средина што поттикнува раст, иновации и заеднички успех.“ – изјави г-дин Фатмир Битиќи, Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.


Бројките говорат многу за остварените цели и развојот и имплементацијата на деловната стратегија на “Теламон“. Во изминативе пет години, откако започнавме со работа, се случија низа настани кои, и покрај тоа што имаа силно влијание и импакт, дополнително нé мотивираа да сме силни и умни во водењето бизнис. Со знаење, посветеност и креативност демонстриравме како се постигнуваат извонредни резултати, кои ги надминуваат плановите и проекциите. Секако, сето ова немаше да биде возможно без поддршката која ја имаме од домашните Институции, довербата од нашите клиенти, и пред сé посветеноста на нашите колеги и вработени. Продолжуваме понатаму, инспирирани и подготвени – за прогрес, за нови деловни подвизи и уште поголеми достигнувања.“ – изјави г-дин Георги Тренкоски, Плант Менаџер, “Теламон – Европа“.