Филхармонијата својата реализација и основање ја има во формирањето на првиот и единствен симфониски оркестар во 1944 година, само 11 дена по ослободувањето на Скопје со што можеби е најстарата македонска национална институција. Оттогаш, па се до денес, во скоро осум децении постоење, Филхармонија како прва национална музичка институција стана главен носител на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот.
И денес, 79 години од основањето дали знаеме што претставува Филхармонија, зграда, институција или неопходна музичка и уметничка димензија на градот. Што е суштината на Филхармонија, дали е тоа објектот или оркестарот?
Филхармонија е првиот и единствен симфониски оркестар во државата, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена. Оркестарот брои над 100 музичари, сите професионални инструменталисти со завршен Факултет за музичка уметност. Покрај музичарите, тука е и административниот и техничкиот персонал, кој, исто така со логистика ја поддржува работата на филхармонија.
Се изведува богата програма составена од комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Маестралните изведби на оркестарот на филхармонија создаваат незаборавни концертни мигови со широк репертоар од светската класична музичка литература. Еднакво се изведувани и светски премиери од современи автори, а притоа се оживувале и делата на македонските музички творци.
Симфониски, камерни концерти, детски симфониски, детски камерни, музички работилници, семинари, мастер класи, гостувања на странски оркестри кај нас, се секојдневие во Филхармонија. Создаден е инвентивен и креативен репертоар што е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации слушатели.
Зад диригентскиот пулт, со оркестарот на Македонската филхармонија застанале врвни диригентски имиња, започнувајќи од основачите па се до маестри од светски ранг. На филхармонискиот подиум како солисти гостувале реномирани вокални и инструментилни уметници.
Во последните години, Филхармонија откако ја доби зградата според стандарди за тоа како треба да изгледа и да функционира простор наменет за симфониски оркестар, изгради свој специфичен имиџ по кој стана препознатлива како институција не само во национални рамки, туку и многу пошироко, во регионот и во Европа.
Тука пак е одговорот на прашањето од каде произлегуваат сите овие вредности на Филхармонија и што е суштината, дали зградата или институцијата и како функционира досега. Зградата, условите што ги нуди и намената исклучиво за симфониски оркестар заедно со изведбите на оркестарот, тоа е таа симбиоза на музичко и културно совршенство.
Или пак, како што вели и поранешната директорка на филхармонија и поранешна министерка за култура, Ганка Цветанова во нејзината јавна објава на социјалниот профил.
„Имено, иако досега многу пати сум била прашана за мислење во врска со проектот Скопје 2014, никогаш не сум сакала да дадам коментар, не затоа што немам изграден став, туку од само за мене познати причини. Но ако ме прашате да издвојам барем еден проект, без двоумење ќе кажам дека е тоа салата на Македонската филхармонија. Прво затоа што по цели 73 години од своето постоење, овој исклучително престижен но и единствен национален симфониски оркестар, во 2017 година конечно заслужено го доби својот дом. Второ, затоа што салата е изградена според сите светски и естетски стандарди во архитектурата и градежништвото. И трето, но можеби најзначајно, затоа што оваа сала е проектирана и изградена според потребите на музичкиот ансамбл, административниот и техничкиот персонал на Македонската филхармонија”, пишува Цветанова.