Breaking News

СТРАТЕШКИ ИНВЕСТИЦИИ МОЖАТ ДА ПРЕДЛОЖАТ И ДОМАШНИ КОМПАНИИ, ИСТО КАКО СТРАНСКИТЕ


Јавните повици за стратешки инвестиции во земјава се подеднакво отворени за домашните компании, исто како и за странските. Изминативе денови во текот на дискусиите за четирите предлог-закони за стратешки инвестиции во енергетиката меѓу прашањата што се појавија е зошто токму домашна компанија не би можела да реализира сличен проект во енергетскиот сектор. Вицепремиерот Фатмир Битиќи во неколку наврати посочи дека јавниот повик бил сосема јасен и дека и домашни компании имале подеднаква можност да аплицираат со предлози за стратешки инвестиции исто како и тие од странство.


Конкретно, на повикот објавен од владата пред три години, пристигнале пријави од 16 потенцијални инвеститори со различни проекти. Врз основа на однапред утврдена постапка и критериуми, се преговарало со девет од нив, а преговорите се завршени со четири компании. На споменатиот повик, но и на сите што во иднина ќе следуваат, домашните компании имаат подеднакво право на учество како и странските.


Според Битиќи, при изборот на стратешките инвеститори Владата се водела од праксата за поддршка на проекти од енергетиката во ЕУ, како и од домашната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и се барале компании кои за најкус можен рок имаат капацитет да ги испорачаат потребните резултати. Меѓу нив, примарно е намалувањето на потребата за увоз на струја и обезбедување енергетска независност на подолг рок, а потоа и чекор понапред во енергетската транзиција со цел земјата да користи повеќе обновливи извори на енергија, што пак ќе придонесе кон поздрава и почиста животна средина.

Проектите кои што беа избрани на јавниот повик се когенеративната гасна централа на грчката компанија „Митилинеос“ во Скопје, „Соларен парк Стипион“ на француски „Акуо енерџи“, како и „Грин тек“ и соларната електрична централа – Пехчево. Според информациите што претставници на владата ги споделија во јавноста, четирите инвестиции имаат вкупна вредност од околу 800 милиони евра.


Централата на „Митилинеос“ ќе се гради во нова зона под надлежност на Дирекцијата за ТИРЗ, „Енергија Скопје“, што ќе биде сместена во дел од индустрискиот комплекс Железарница. Оваа инвестиција се проценува на околу 290 милиони евра, додека државата во рок од пет години ќе ја поддржи со 50 милиони евра кои што се условени со реализација на инвестицијата. Наведените средства се помалку од една петтина од вкупната вредност на проектот и се значително под максимумот утврден со европската и со домашната регулатива. Споредено со бенефициите што странските инвеститори ги добиваат во државата изминативе 20 години, оваа сума е за 50 отсто пониска.

– Стратешки инвестиции, особено на планот на енергетиката, на нашата земја и во иднина ќе ѝ бидат потребни. Ако се знае дека моментно над 30 проценти од нашите потреби за струја ги задоволуваме со увоз, а само гасната централа во Скопје ќе може да задоволи половина од ова количество, простор за развој и проширување на овој план несомнено постои. Во таа смисла сакам да порачам дека сме целосно отворени за вакви иницијативи, односно проекти кои би се реализирале и од други компании во иднина, а моја желба е еден од тие следни проекти да дојде токму од домашните компании – истакнува Јован Деспотовски, прв човек на Дирекцијата на ТИРЗ.


Приватниот сектор изминативе две децении е особено активен на планот на инвестициите во енергетиката. Ако се анализираат капацитетите што последниве 20 години се изградени во овој сектор, 83 проценти од нив се од приватни инвеститори. Соработката со нив е нагласена како особено важна и во Европската Унија, каде што со новиот план RePowerEU обновливите извори, големите инфраструктурни проекти, се сметаат за стратешки интерес на ЕУ.