Breaking News

Спасовски: Нема поголем криминал од злоупотребата на парите на граѓаните, МВР со овој случај ја покажува цврстата борба против криминалот и корупцијата


Министерот Оливер Спасовски денеска, гостувајќи во дневникот на ТВ Сител, сподели детали околу денешната полициска акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, која резултираше со поднесена кривична пријава против 15 физички лица и три правни лица за неколку дела, и тоа „злосторничко здружување”, „даночна измама”, „перење на пари и други приноси од казниво дело”.


„Ова се работи за финансиски криминал во којшто, како и што сами напоменавте, се вклучени лица од УЈП, бизнисмени, сметководители, лица коишто создале едно криминално здружение, а чија цел била на нелегален начин да испумпаат пари од државниот буџет и од граѓаните, а притоа да ги искористат за свои цели. Тоа е работено преку правни субјекти коишто издавале лажни фактури едни кон други, а притоа немале никакви деловни активности. Врз основа на ваквите фактури, до УЈП биле доставувани даночни пријави со цел неосновано побарување на поврат на данокот на додадена вредност, односно на овој начин при ваквите фактури била прикажувана аконтација којашто понатаму била користена за пребивање на даночните долгови кон трети лица и правни субјекти. Направената штета на буџетот на Република Северна Македонија е 51.626.637 денари или приближно околу 837.000 евра. Дел од овие финансиски средства биле искористени за недвижнини, и тоа околу 150.000 евра на име на еден од пријавените и, секако, дел од овие финансиски средства се обиделе да ги стават во легален промет на државата”, ги објасни активностите на криминалната група министерот Спасовски.


Министерот за внатрешни работи потенцираше дека ова е сериозна активност којашто МВР ја одработи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Обезбеден е огромен и обемен материјал, докази коишто беа анализирани во Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал во МВР, во консултација со надлежниот обвинител и денеска практично е поднесена кривичната пријава и е реализиран овој случај. Врз основа на оперативни сознанија се преземаа оперативно криминалистички мерки за да се обезбедат доказите, се водеше обемна постапка за да дојдеме до аргументите и доказите”, образложи министерот Спасовски.

На прашањето дали ова на некој начин претставува и политичка пресметка од страна на ДУИ, министерот Спасовски потенцираше дека апсолутно не може да стане збор за никаква политичка пресметка против никого и единствен мотив по кој се водат МВР и јавното обвинителство е борбата против криминалот и корупцијата, додавајќи дека предистражните мерки се водени во еден подолг период.


„Борбата со криминалот и корупцијата не може ниту во еден момент да се заснова на било каква припадност на било кого – верска, национална, политичка… Криминалот не познава вакви граници, а ние сме тука за да ги обезбедиме пред сѐ средствата на граѓаните. Нема поголем престап од тоа да злоупотребите буџетски средства или средства коишто се прибираат од данокот којшто го плаќаат граѓаните. Ова е предмет којшто уште еднаш ја покажува цврстата определба на МВР за борбата против криминалот и корупцијата од којашто нема да отстапиме и од којашто нема да биде поштеден никој. Без разлика кој на каква позиција се наоѓа, никој не може да биде посилен од државата, од Република Северна Македонија”, порача министерот Спасовски.