Спасовски: Гоце Делчев останува синоним за храброст, посветеност, просветителство и лидерство


По повеќе од еден и пол век од раѓањето на македонскиот револуционер, уставотворец и државник, тој останува синоним за храброст, посветеност, просветителство и лидерство, пишува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во неговата честитка по повод денот на раѓањето на Гоце Делчев.


По повод 151 – годишнина од раѓањето на Делчев, Спасовски, како дел од делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, се поклони пред вечното почивалиште на македонскиот револуционер.


– Гордост, вознес и трепет ми удираат во дамарите како негов потомок, како син на Македонија, како ученик кој има уште многу да впива од Учителот, пишува министерот.

Дополнува дека раѓањето на Гоце Делчев, како што вели, како никогаш досега одново бранува и истовремено, порачува на обединување, достојно на визијата и мудроста со која живееше, и самиот калејќи се од идеите и искуствата на европските и балканските демократи.


– Големиот познавач на военото организирање, а по идеолошка определба – пацифист, со своите специфики небаре ја исцрта иднината на својата татковина, како што му доликува на еден апостол на македонскиот народ во борбата за самостојност и за национална држава. И сѐ уште ни држи лекции кои се нашиот патоказ кон иднината, стои во честитката од министерот. ар/ац/