Breaking News

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата по паузата ќе продолжи со расправата за кандидатот за уставен судија Јовески


По дадената куса пауза собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја продолжи седницата на која треба да се расправа за кандидатот за уставен судија да биде Љубомир Јовески, актуелен јавен обвинител. Дебата која на моменти беше тензична се сведе на процедурални забелешки, на спротивставени толкувања на деловникот за работа на оваа Комисија и на оспорување на процедурата за изборот на Татјана Васиќ Бојаџиев и Фатмир Скендер за кои Собранието гласаше и тие беа избрани за уставни судии.


Заменик координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова во процедурална забелешка побара да се прекине седницата бидејќи не се присутни пратениците од парламентарното мнозинство. Според неа, согласно посебниот деловник за работа на оваа Комисија, потребно било на седницата да присуствуваат мнозинството членови и заменици членови на Комисијата. Таа побара и да ги добие стенограмските забелешки од изјава на претседателката на Комисијата Марија Георгиевска дадена во однос на интерпелацијата поднесена против неа, а се однесува на нејзиниот Извештај до претседателот на Собранието со кој побара кандидатите Татјана Васиќ Бојаџиев и Фатмир Скендер да бидат издвоени и Собранието да гласа за нив и тие беа избрани за уставни судии.


-Не е на вас вие да одлучувате. Работното тело зазема став, а ние како работно тело не заземавме став, бидејќи искажаниот став треба да биде некаде запишан. Извештај нема од оваа Комисија, извештај беше вашето лично барање…Како што сте доставиле лично мислење за другите двајца судии сега можете да доставите еден извшетај и да кажете јас сметам дека Јовески треба да биде избран за уставен судија и да ја завршиме оваа работа, рече Панова.

Претседателката на Комисијата Георгиевска каже дека нема потреба од стенограмките забелешки бидејќи тие не се предмет на дискусија на седницата, а таа својот став го повторила повеќе пати дека Известувањето до претседателот на Собранието го доставила во својство на претседател на Комисијата како издвоено мислење врз основа на завршена расправа и , односно откако завршила дебатата и гласањето поединечно за првите двајца кандидати.


-Јас го доставив Известувањето до пленумот. Доле е потпишана претседател на Комисија Марија Георгиевска, ако јас сум го поднела моја е одговорноста. Но немојте да манипулирате, затоа што тоа што вие го инсинуирате за последниот кандидат е дека јас одлуката не ја донесов по однос на гласањето. Расправата за секој поединечен кандидат заврши и поединечно се гласаше во оваа Комисија, од мнозинството на членови и заменици членови. И врз основа на тоа што е завршено јас како претседател доставив известување до пленумот. Одговорноста е моја како претседател и не бегам од тоа. Не знам зошто треба да разглабаме дека треба стенограмски забелешки бидејќи јас сум рекла лично, па има име и презиме, известувањето јас сум го потпишана како претседател, рече Георгиевска.

Таа додаде дека право е на опозицијата да поднесе интерпелација ако смета дека е прекршен деловникот, но, вели, за неа треба да се дискутира на пленумот, а не на Комисијата.


Георгиевска нагласи дека постојат услови за работа на Комисијата, бидејќи согласно со членот 128 став 3 работата на Комисијата може да се води без оглед на бројот на присутни членови на работното тело.

Претседателката на Комисијата не го прифати предлогот од пратениците од опозицијатада ја прекине седницата, туку даде пауза и рече дека дополнително ќе биде закажано нејзиното продолжение. вг/