Breaking News

Собранието усвои заклупок по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк


Собранието денеска на 111-тата седница донесе заклучок по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство Моника Зајкова, Санела Шкријел, Боби Мојсовски, Даниела Николовска и Жаклина Лазаревска.


Пратеничката Зајкова образложувајќи го предлогот рече дека со него се предвидува да се зголеми дневниот износ на оваа субвенција и можност освен од понеделник до сабота, таа да важи и на верски празници што значи, рече Зајкова, дека месечниот износ ќе биде поголем од сега.


Таа посочи дека се предвидува износот на субвенцијата да се усогласува со инфлациската стапка по секоја фискална година.

– Законот предвидува системско решение и, конечно, ќе добиеме систем за да не се соочуваме секоја година да имаме по два предлога и да собираме политички поени за оваа мерка, рече Зајкова.


По усвоениот заклучок овој Предлог да се носи по скратена постапка, матичната Комисија за образование, наука и спорт треба да го стави на дневен ред на разгледување.

Предлог за измени на истиот Закон на оваа седница претходно имаше и од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше усвоен. Пратениците Јован Јаулевски, Бојан Стојаноски и Ели Панова поднесоа Предлог-закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка.


Пратеникот Јаулевски образложи дека предлагаат дневниот износ на субвенцијата студентски оброк од 120 денари, колку што е сега, да биде зголемен на 160 денари, а исплатата да трае до септември кога ќе почне примена на системско решение кое се подготвува. Тој истакна дека износот на оваа субвенција треба да го следи зголемувањето на трошоците за живот и на минималната плата во земјава.

Не беше прифатено по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за дополнување на Изборниот законик, на предлог на пратениците од Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов


Крмов образложи дека со предлогот се бара намалување на цените за маркетинг на отворено т.е. се однесува на рекламирање на билборди за време на изборна кампања. Рече дека законски загарантираната цена на закуп остава неможност за политичко рекламирање на помалите партии и тие што не се во Собранието и тие, како што рече, се ставени во понеповолна положба.

Тој посочи дека во последните два изборни циклуса за 20 дена кампања компаниите кои раководат со билбордното рекламирање стекнале милионски екстра профити колку што заработуваат за две до три години работење.

На седницата беше усвоен заклучок по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, поднесен од група пратеници.

Пратеникот Панчо Минов образложи дека предлогот е поднесен заради порационално користење на земјоделското земјиште и се однесува на периодот на продолжување на договорот за концесија – од сегашните пет години да се зголеми на 15 години. Притоа додаде дека има и проекти од ИПАРД кои се со подолг рок на реализација и за да може да аплицираат треба да има исполнување на овој услов.

Усвоен беше и заклучок по скратена постапка да бидат донесени Предлог-законот за изменување на Законот за ловство, Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за интероперабилност во железничкиот систем и Предлог на закон за изменување на Законот за пријавување и евиденција на обврски. хс/сп/

Скопје, 19 април 2023 (МИА)