Штипската Клиничка болница доби донација во координација со иселеници


Клиничка болница – Штип доби донација од 36 кревети. Станува збор за донација од германска болница во координација со наши иселеници.


Директорот на Клиничка болница-Штип Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција рече дека креветите се веќе распоредени по одделенијата, од кои најмногу за Инфектологија.


-Се работи за донација од болницата „Батхерсфелт“, да ја искористам приликата да се заблагодарам на коодинаторот Петар Ковачевиќ, којшто беше вклучен со помош на нашите иселеници, Рубин и Славица Игески и Олга Дончева од Германија. Успеавме да добиеме 36 болнички кревети заедно со душеците и ормарите што одат со нив. Тие во најголем дел се распоредени на Одделот за инфектологија, дел има на Кардиологија и дел на Одделот за интерни болести, поточно на Одделот за интензивна нега. Така ни стартува годината, со донација, вели Ѓеорѓијев.

Болницата очекува уште една слична донација, а душеци ќе набави и од сопствениот буџет. Со ова, вели Ѓеорѓијев, делумно ќе се подобрат здравствените услуги, кои ги нуди штипската Клиничка болница.


-Очекуваме многу скоро да добиеме и донација со нови болнички кревети за Одделот за детски болести, тоа е донација од друг тип којашто ќе ја објавиме во наредниот период. И ние како Болница во Планот за јавни набавки ставивме 200 душеци со што ќе ги смениме сите душеци и кревети коишто во моментов ги имаме во болницата со цел да го подобриме квалитетот на здравствените услуги кај нас, додава Ѓеорѓијев.

Ѓеорѓијев вели дека има доволно финансии и за сѐ она што е предвидено за набавка со планот за јавни набавки. Вкупниот буџет е зголемен и изнесува околу 620.000.000 денари, сума која, според Ѓеорѓијев, ќе биде доволна и за набавка на апарати и за сервисирање на дел од нив, но и за исплата на вработени. вдј/мд/