Breaking News

Шпаркасе Банка и ЕБОР со нова еко кредитна линија и можност за инвестициски грант за клиентите до 20%


Шпаркасе Банка АД Скопје ја продолжува долгогодишната соработка со својот партнер Европска банка за обнова и развој преку потпишување нов договор со кој се обезбедени дополнителни 1,5 милиони евра од Програмaта за финансирање на зелената економија (GEFF 3) достапни за домаќинствата што сакаат да инвестираат во високоефикасни технологии, какви што се фотоволтаични системи, сончеви колектори, топлински пумпи, прозорци и врати, изолација и слично, и за кои им се доделува финансиски грант до 20% од вредноста на кредитот.


Преку оваа успешна програма Шпаркасе Банка АД Скопје досега има финансирано повеќе од 2.700 домаќинства во износ од 21,5 милиони евра позитивно оценети инвестиции во прифатливи технологии со кои ги уживаат придобивките од нив, какви што се намалена потрошувачка на енергија, намалени трошоци во семејниот буџет, зголемена вредност на своите домови и придонеле кон колективно подобрување на околината.


„Ми претставува задоволство да ја продoлжиме успешната приказна на Програмaта за финансирање на зелената економија за Западен Балкан од ЕБРД, во која Шпаркасе Банка АД Скопје има значително учество во Република Северна Македонија. Со оваа линија сакаме да ги поттикнеме граѓаните да инвестираат во своите домови во напредни технологии, со што ќе имаат повеќекратен поврат, атрактивен финансиски грант до 20% од инвестицијата од една страна и ќе постигнат одржливост на својот дом во иднина“ – изјави г-ѓа Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

„Задоволни сме што ја проширивме нашата соработка со Шпаркасе Банка и среќни сме поради фактот што сè поголем број граѓани ја препознаваат важноста и придобивките од инвестирањето во енергетската ефикасност. Овие инвестиции им овозможуваат на клиентите подобрување на удобноста на нивните домаќинства и намалување на трошоците за електрична енергија“ – изјави г-н Анди Аранитаси, директор на ЕБОР за Северна Македонија.


Како единствен директен банка-потписник на Принципите за одговорно банкарство на ООН во Република Северна Македонија, и во согласност со својата деловна стратегија, се стремиме да изградиме одржлива економија за идните генерации преку финансирање инвестиции наменети за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и зелени технологии.