Breaking News

Шаќири ќе се обрати на состанокот на Управниот комитет на SEEIIST


Во Клубот на пратеници, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска ќе се обрати на хибриден состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).


Како што информираат од МОН, Скопје втор пат е домаќин на Управниот Комитет на SEEIIST, а овој пат ќе се дефинираат критериумите согласно кои земјите членки на комитетот (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Словенија и Косово) ќе можат да аплицираат за добивање на капитален проект – изградба на регионален центар за истражувања за туморска терапија и биомедицински истражувања засновани на акцелератори за јонски зраци.


SEEIIST беше официјално промовиран во 2017 година во CERN (Швајцарија) со потпишување на Декларација за намера за идна соработка помеѓу споменатите земји. Изградбата на истражувачката инфраструктура ќе чини 250 милиони евра и ќе се финансира преку европски фондови, но и со учество на земјите членки на Управниот Комитет.

Прес-конференција е предвидена во 10:00 часот. Покрај министерот Шаќири, изјави ќе дадат и проф. д-р Мимоза Ристова потпретседател на Управниот Комитет и проф. д-р Башким Зибери, член на Извршниот одбор на Асоцијацијата формирана за поддршка на SEEIIST. фф/сп/


Фото: МИА Архива