Секторот за образование Куманово го подготви барањето за користење субвенции за првоодделенци


Секторот за образование од општина Куманово подготви барање кое родителите на првоодделенците ќе можат да го пополнат за да користат субвенција од две илјади денари, соопштија денеска надлежните.


Барањето ќе биде достапно на општинската веб-страница и на училиштата.
-Родителите покрај потребната документација за запишување на ученик во прво одделение ќе треба да се достават и потврда од училиштето дека ученикот за првпат се запишува во прво одделение, фотокопија од извод на матична книга на родени, фотокопија од важечка исправа, лична карта на родителот и фотокопија од активна трансакциска сметка на која ќе можат да се исплатат средствата. Оваа субвенција ќе исплаќа прв пат, изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.


Советот на општина Куманово на последната седница едногласно донесе одлука на да поддржи субвенции од 2.000 денари за сите редовни ученици кои ќе се запишат во 2023/24 година во општинските основни училишта.

– Ја поздравувам одлуката и благодарност до советниците, кои едногласно покажаа сплотеност во ова време и ја донесоа одлуката. Ако ме прашувате дали овие средства се доволни ќе кажам не, и дека се симболични, но знаете колку финансиски се оптоварени родителите на почетокот на секоја учебна година и најдобро ќе биде родителите да ги искористат за набавка на потребните материјали за стартот на учебната година. Ќе се потрудиме доколку советот одлучи да се продолжи и ова да стане традиција и ќе се заложиме согласно финансиите да се обезбедат и повеќе средства за следната учебна година, изјави Јовановиќ.


Куманово, иако е најголема општина во државата, не ја одминува миграцијата која се случува и на ниво на државата и во соседството.Вкупно во кумановските основни и средни училишта има над 14.700 ученика. Секторот пред извесно време пренесе информација дека од 1991 досега постојано се намалува бројката на запишани ученици. Последниве три години има одлив на околу 200 ученика и според податоците во учебната 2020/21 се запишале 1.207, после, 1.117 ученици и последната 22/23 се 1.070 ученици.

Уписот на првачиња почнува во мај и трае до септември. ам/цр


Фото: МИА и Принтскрин
Куманово, 11 април 2023 (МИА)