Breaking News

Се изготвуваат два урбанистички планови за изградба на типски куќи во Штип


Проектот типски куќи за ромското население ќе се реализира со изготвување на два нови урбанистички плана. Предвидено е типските куќи да бидат изградени во местото викано Черења во Штип, како и над улицата „Асном“. Лазар Хаџи Николов раководител на Одделението за урбанизам во Општина Штип истакна дека локациите се избрани согласно со потребите на населението кое ќе живее во овие куќи, средства за изработка на урбанистички план има. Програмата за уредување на градежно земјиште денеска беше надополнето, со два урбанистички плана, а оваа одлука денеска беше донесена и од страна на Советот на Општина Штип.


-Причината за ваква измена се јави од неколку ситуации, така на пример со самата Програма за потребите на проектот за ромско домување, во кое учествува и Општина Штип, се предвидени средства за финансирање за изработка на документација за локациите каде што се претежно населени со ромско население. Програмата е надополнета со два урбанистички плана, кои се наоѓаат во Черења и над улицата „Асном““, вели Хаџи Николов.


Во расправата по однос на оваа точка не учествуваа советниците од СДСМ и коалицијата кои ја напуштија седницата заради недостаток на материјали.

-Пред усвојување на дневниот ред беше побарано од моја страна оваа точка, точка четири и точка пет, да бидат вратени на повторно разгледување пред комисиите, поради недостаток на материјали. Советничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува во понатамошната расправа за овие две точки и нема да се изјасни по истите,рече Маријана Рогожарска Поповска, координаторка на советничката група на СДСМ.


Советникот Душко Иванов на денешната седница упати молба до службите да доставуваат целосни материјали за да не се повтори ситуација како и денешната на која советниците си заминаа од седницата. По завршување на оваа точка советниците од СДСМ и коалицијата се вратија во салата. вдј/

Фото: МИА
Штип, 28 март 2023 (МИА)