Breaking News

САНА: Израелската војска повторно ја гранатираше јужна Сирија


Сириските државни медиуми јавија дека израелската армија рано утринава гранатираше цели на југот на Сирија, во близина на делот од Голанската висорамнина, што е окупирана од Израел, предизвикувајќи материјална штета.


Израел се уште не ги коментираше ваквите извештаи.


Агенцијата САНА соопшти дека гаѓани биле цели во населбата Талат Крас ал Нафл, во сириската провинција Кунеитра, но не соопшти дали во нападите има жртви.

Провладиниот весник „Ал Ватан“ објави видео од нападот на кое се гледа експлозија откако, како што се наведува, била погодена „една цел“.


Опозицискиот Сириски Центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Велика Британија, соопшти дека цел на нападот биле милициите поврзани со либанската екстремистичка организација Хезболах во Кунеитра.

Израел, исто така, во вторникот нападна цели во областа, се додава во соопштението.


Оваа земја предупреди дека ќе го запре зацврстувањето на Иран на нејзината северна граница и затоа во изминатите години стотици пати напаѓаше цели во делот на соседна Сирија контролиран од владата во Дамаск, но ретко ја преземаше одговорноста за нападите. сд/

Дамаск, 24 април 2023 (МИА)