Breaking News

„Сакам да работам“ до пратениците: Со негласање нема да одбраните само 10 илјади семејства туку ќе застанете на патот на едно партиско самоволие!


Земајќи предвид дека на 145-та пленарна седница, како прв на дневниот ред е ставен на повторно изјаснување пред пратениците на владејачкото мнозинство, Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа, чиј указ за стапување во сила Претседателот на Републиката, Стево Пендаровски не го потпиша заради злоупотреби на ЕУ знамето, како Здружение на вработени, сакаме уште еднаш да укажеме на следното:


Почитувани пратеници,


Без разлика на вашата етничка, верска или партиска определба, пред да ја донесете конечната одлука дали ќе го браните Уставот или ќе бидете принудени да постапите како налага една владејачка партија, само поставете си ги следните прашања: Која ЕУ директива предвидува затворање на легалните игри на среќа? Која ЕУ директива предвидува оставање 10 илјади вработени на улица? Која ЕУ директива предизвикува игри на среќа на црно, без лиценци и контрола од Државата? Која ЕУ директива наложува 10 илјади семејства да се жртвуваат за интересите на една владејачка партија? Ние одговорите ги знаеме, ниту една! Не постои ЕУ директива која може да ги покрие овие противуставни и скандалозни измени на Законот за игри на среќа. Уште еднаш апелираме да не станувате соучесници во едно погубно сценарио кое многу негативно ќе се одрази врз македонската економија. Со негласање нема да одбраните само 10 илјади семејства туку ќе застанете на патот на едно партиско самоволие!

На целата јавност и стана јасно дека воведувањето на дистанца од 500 метри на легалните објекти за игри на среќа од образовни институции не е за наводна заштита на младината, туку е вешто избран популистички трик за да се покријат серија други законски одредби кои треба да ги задоволат бизнис апетитите на една владејачка политичка партија. И тоа е замислено да се одвива во две фази. Првата, затворање на легалните објекти за игри на среќа во кои во моментот работат 90 проценти Македонци, за да во втората фаза се отворат повторно некои приредувачи на игри на среќа, но кои за една политичка структура треба да бидат етнички подобни.


Апсурдно е да се претставува дека дистанцата ќе ја заштити младината, кога во исто време Државна лотарија преку четири платформи каде е мнозински сопственик, приредува онлајн игри на среќа, каде секој ќе може да игра од својот мобилен, без разлика каде се наоѓа. Едноставно, приказните дека дистанцата обезбедува заштита за младината не оди заедно со организирање игри на среќа преку интернет.

Вчера претставниците на „Антикоцкање“ му доделија плакета на техничкиот Премиер и со тоа потврдија дека сме во право кога велиме дека тие делуваат исклучиво како продолжена рака на една владејачка партија. Затоа, нив не можете да ги видите како протестираат против онлајн игрите на среќа. Имаат забрана. Провидно е да ја убедуваат јавноста дека младината е повеќе загрозена од излозите на легалните објекти за игри на среќа отколку од онлајн игрите на среќа.


Конечно, законските измени се изготвени со цел актуелниот строго регулиран систем на игри на среќа да биде затворен за да се остварат нечии лични и партиски бизнис интереси. Ова е антидемократска и антиевропска пресметка со најголемиот приватен работодавец. Бројот на луѓе кои работат во секторот на игри на среќа е поголем од вкупниот бројот на жители во неколку општини заедно во источна Македонија. Дали некои пратеници се свесни дека ние можеби сме гласале за нив на избори? Зошто не ја погледнете вистината во очи?

ЗДРУЖЕНИЕ НА ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ИГРИ НА СРЕЌА
„САКАМ ДА РАБОТАМ“