Breaking News

Разговор со Баковска и Димоски во Градската библиотека во Скопје


Книгата „Во главата пишувам расказ“ е спој на 64 лирски прозни минијатури со 115 фотографии, чија нарација буди слободни асоцијации. Делото е резултат на специфично партнерство на двајца автори што работат во различен медиум.


Утре (10 октомври, вторник) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со Елизабета Баковска и Сашо Димоски, автори на фотокнигата „Во главата пишувам расказ“. Разговорот е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што Библиотеката ја започна минатата година за поддршка и промоција на актуелната маедонска книжевна продукција. Фотокнигата на Баковска и Димоски е книга за месец октомври. Разговорот е во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.


Книгата „Во главата пишувам расказ“ е прозен, лирски, животен „сендвич од деца и возрасни, прво како зајре, а потоа како лепче“; книга за родители и за нивните деца кои станале родители; за мајка и ќерка која станала мајка… Книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта; за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги во животот: некому сме дете, другему – родител, пишува Оливера Ќорвезироска во предговорот на книгата.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.


Елизабета Баковска (Битола, 1969), дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Била главен уредник на електронското списание за култура и литература Блесок (www.blesok.mk). Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици. Авторка е на 14 книги.

Сашо Димоски (Охрид, 1965)  се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок. Зад себе има неколку самостојни изложби, неговите фотографии се дел од неколку книги.


Настанот е  дел од богатата понуда на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.