Breaking News

Разбивање на стереотипите за местото на жената оди бавно, но без борба нема успех, а без успех напредок, порачува народниот правобранител


Денес кога ја славиме храброста на жените кои пред повеќе од 100 години одлучија да почнат да си ги бараат своите права сметајќи се рамноправни со мажите, и 46 години откако 8 Март и официјално од страна на Организацијата на Обединетите Нации е прогласен за Меѓународен ден на жената, како народен правобранител имам една едноставна порака – Борете се и натаму за своите права во сите сегменти на општествениот живот. Без борба нема успех, а без успех напредок, стои во честитката од народниот правобранител по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.


– Сите напори за рамноправност, еднакви можности за образование, пристап до здравствените и сите други услуги, еднакво вреднување на трудот, вработување, вклучување во политиката мора безрезервно да се поддржат, затоа што само така ќе докажеме дека сите се залагаме за вистинска рамноправност, се посочува во пораката на правобранителот Насер Зибери.


Ратификуваните конвенции и декларации-Пекиншката декларација, Платформата за акција, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената, Истанбулската конвенција-Конвенција за спречување и борба против насилство над жените и домашното насилство, се додава понатаму во честитката, не обврзуваат да работиме на намалување на разликите во општеството, нo и на разбивање на стереотипите за тоа каде и е местото на жената, за елиминирање на семејното насилство во кое за жал таа е најчестата жртва, да се бориме со говорот на омраза и сите оние сексистички пораки упатени кон неа.

Општествата во кои жените се инкорпорирани во сите сегменти на животот се посилни и попросперитетни. Промената на мислењето дека одредени професии се само женски, или само машки оди кон насока на постигнување на целосна рамноправност.


– Република Северна Македонија во последните неколку години силно граби кон изедначување на жените и мажите во речиси сите сфери – политиката преку поголема вклученост во Собранието, во извршната, во локалата власт и слично., Но, сепак според истражувањата на Народниот правобранител за половата застапеност во јавниот сектор и добиените податоци, констатираме дека и понатаму предноста му се дава на мажот речиси во сите сегменти вклучуваќи го учеството во раководните структури, иако е забележан мал напредок во однос на минатите години. На ова поле има уште многу да се стори, а прв и многу важен чекор е носењето на стратешки документи во секоја институција кои ќе имаат за цел намалување на половата дискрепанца.

За поздравување се реформите во сферата на семејството, односно грижата во семејството со кои во иднина ќе се овозможи жената помалку да отсуствува од работа, преку давањето можност и таткото да учествува во чувањето и воспитувањето на детето преку земање на родителско отсуство, сегмент кој досега, посочува мбудсманот, беше резервиран само за мајката.


Но, она што како бранители на човековите права треба да не загрижува, се додава, е факот дека сѐ уште има земји во кои жените не ги уживаат ниту основните права, земји каде истите им се ограничени, што автоматски ги става во нерамноправна положба и им го отежнува животот.

– Делбата на она што се нарекува женски и машки работи, за жал, сѐ уште е присутна во голем број на општества, па местото на жената најчесто се гледа дома како мајка и домаќинка. Разбивањето на стереотипите оди бавно, но како што реков и на почетокот никој не смее да се откаже од борбата за рамноправност. Бирањето на жени за претседатели на влади, или држави не треба да се третира како раритет туку на тоа треба да се гледа како на нормална работа, затоа што сите се раѓаме еднакви и како такви треба да го живееме животот, порачува народниот правобранител. вг/сп/