Breaking News

Работна средба на УО на Советот на странски инвеститори со Фатмир Битиќи


Новиот состав на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори оствари работна средбa со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции, на која дискутираа за актуелните економски состојби и предложија решенија за подобрување на условите за водење бизнис во државата.


Вицепремиерот Битиќи истакна дека секогаш со внимание ги слуша забелешките на инвеститорите и е отворен за забелешки за тоа како да се подобрат условите за работењето на компаниите. „Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата преку процес на консултација и заедничка соработка со бизнис заедницата, што е многу значајно за нас како Влада“, рече вицепремиерот Битиќи.


Претседателот на Советот на странски инвеститори и генерален директор на Костал Македонија, Виктор Мизо посочи дека е особено важно Советот на странските инвеститори да биде вклучен во креирањето на економските политики и во следењето на нивната имплементација, што ќе овозможи и соодветно, навремено и оптимално планирање на деловните одлуки на странските инветитори во земјата, бидејќи само така може да се очекува зголемен економски раст и развој.

На денешниот состанок беа презентирани клучните иницијативи и предлози на странските компании, со цел олеснување на работењето во врска со прашањата поврзани со даночната регулатива, усогласување на царинските стапки до ниво на ЕУ за дополнителни тарифни ознаки за увоз на суровини и репроматеријали, одливот на стручен кадар од земјава, финансиската поддршка на инвестициите од страна на државата и можноста за подобрување на определени законски решенија во оваа област, превод на меѓународните стандарди за финансиско известување и ред други теми што би ги подобриле условите за водење бизнис во државата.


Присутните претставници од Советот на странски инвеститори го изразија нивното задоволство од состанокот, при што беше заеднички констатирано дека партнерскиот однос и комуникацијата меѓу приватниот сектор и државните институции е клучна и само мерки кои се носат преку суштински консултации и заемен дијалог носат вистински резултати.

Советот на странски инвеститори кој е основан во 2006 година во рамките на Стопанската Комора на Северна Македонија претставува глас на деловната заедница, формиран со цел националната економија да стане попривлечна за инвестирање преку поедноставување на деловното работење и поголема предвидливост на бизнис климата. Промовирањето на деловната етика и високите начела за корпоративно управување се исто така на врвот на агендата на Советот на странски инвеститори.
Во моментот во Советот на странски инвеститори членуваат повеќе од 120 компании со странски капитал во земјата.