Breaking News

Привршува распределбата на картичките за „зелена нафта“ за земјоделците во Кочанско


Над 95 отсто од регистрираните земјоделски стопанства од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, кои поднеле барања за финансиска поддршка за 2021 година, веќе ги добиле картичките за „зелена нафта“.


Во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани привршува распределбата на картичките од втората фаза, односно за земјоделците кои своите обврски за воден надоместок, за напасување добиток или за концесија за користење државно земјиште ги платиле по 25 јули минатата година.


-Со финансиската поддршка за набавка на гориво се опфатени 2021 земјоделец од трите општини, за што од државниот буџет беа обезбедени над 108 илјади евра. Најголем дел од нив веќе ги добија картичките, а во втората фаза останува да се распределат уште за 154 корисници. За да им го олесниме добивањето на поддршката, телефонски ги известуваме за терминот во кој можат да дојдат во нашите простории и да ја подигнат картичката, при што треба да покажат документ за лична идентификација, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.

Износот со кој на земјоделците ќе им бидат покриени дел од трошоците за дизел гориво е различен за единица површина, во зависност од земјоделската гранка што е пријавена во електронските барања што тие ги поднеле до Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој по Програмата за 2021 година.


Рокот во кој треба да се искористат картичките за „зелена нафта“ трае до 30 април годинава. та/ир

Кочани, 11 јануари 2023 (МИА)